ВИДЕО: Се’ е подготвено за вечерашната церемонија во Сочи

Светот и љубителите на спортот со нетпрение го очекуваат отворањето на најскапите Зимски олимписки игри на кои домаќин е Русија.

Олимпијадата свечено, во присуство на 44 светски лидери денеска во 17 часот ќе ја отвори рускиот претседател Владимир Путин , а игрите ќе траат до 23 овој месец.

Но, Олимпијадата во Сочи не ги руши рекордите само во буџетот, кој брои 50 милијарди долари. Ова се најобезбедуваните игри со повеќе од 40 илјади полицајци и војници, како и рекорд во бројот на држави кои учествуваат, над 6.000 спортисти од 88 држави, кои ќе ги одмерат силите во 15 различни спортови.

Македонија ќе ја претстават нордиските скијачи Дарко Дамјановски и Марија Колароска, како и алпскиот скијач Антонио Ристевски кои се подготвени за да го дадат својот максимум. Колароска со своите 16 години е една од најмладите натпреварувачи на ЗОИ.

Олимписките игри во Сочи ќе влезат во историјата и како најиновативни. За Игрите се изградени 380 олимписки објекти. Меѓу нив се спортски објекти во планината  и на брегот на Црното Море, како и хотели со 25.000 соби, објекти со енергетска и сообраќајна инфраструктура. Градежниците велат дека подготовката за Олимпијадата од нула им овозможила да се искористат најнапредните технологии. Сите олимписки објекти се опремени со автономни системи за управување. Во случај на прекин на напојување со струја, тие автоматски преоѓаат на резервни генератори. На некои спортски објекти се поставени единствени системи за осветление, па целосно е сменет системот за осветление на големите хали и патеки со мраз за боб. Таму се применува систем за осветление кој не дава треперења, со што првпат во светот ќе биде применет таков систем.

Спортските терени, велат експертите, се чудо на технологијата.

На оваа Олимпијада ќе бидат доделени 98 сетови на медали, што е уште еден рекорд.

Сепак, најимпресивниот момент беше патување на Олимпискиот факел. Русите го однесоа факелот дури во вселената и на Северниот Пол. Вкупно штафетата патуваше 123 дена и измина над 65.000 километри.

Се очекува вечерва пред малите екрани долгонајавуваната свеченост ја да проследат над три милијарди луѓе.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.