Свет

ВИДЕО: Се формира армијата на Југоистокот од Украина за да го заземе Киев

ВИДЕО: Се формира армијата на Југоистокот од Украина за да го заземе Киев

Украинските сили лојални на новите власти во Киев со тенкови и авијација ги продолжуваат операциите во југоисточна Украина. Во борбите во Луганск, Славјанск, Краматорск и Маурипол има убиени и ранети. Радикалниот Десен сектор ги напаѓа приврзаниците на федерализацијата на Украина по градовите.

 Во Доњецк ноќта поминала релативно мирно, а градот и бунтовниците се подготвуваат за нов напад на украинската војска.
Итар-тасс јавува дека еден од лидерите на востаниците изјавил дека „градот се подготвува за референдум за самопрогласување на Доњецка народна република“.Во текот на ноќта востаниците успеале да ја преземат контролата во Доњецката област, соопшти Интерфакс.Во најголемиот град во југоисточна Украина, Харков, денеска со судска одлука се забранети масовни собири.Министерот за внатрешни работи Арсен Аваков на Фејсбук напишал дека рано утрово почнала акција на вооружените украински сили за преземање на контролата на Краматорск. „Антитерористичката акција“, според властите во Киев, ќе биде спроведена не само во Краматорск и во Славјанск, туку и во други градови.Украинската војска синоќа почна и операција во Маурипол, во која војниците влегле во градот, ја опколиле зградата на локалната администрација, а локалните медиуми наведуваат и дека е запалена зградата на банката во градот. Во зградата имало неколку стотини активисти, а според нив, војската ги предупредила да не излегуваат зашто ќе отворат оган, а во тек е преземање на контролата над објектот. Активистите главно се невооружени, а сè уште нема податоци за повредени или за жртви.

Вчера во судирите во Краматорск загинале 10 луѓе, а бројот на жртвите во пожарот во Одеса се искачи на 42.

Аваков претходно изјавил дека воената акција на истокот на земјата продолжува и дека украинската војска нема да запре.

Од друга страна, еден од лидерите на востаниците во Луганск, Валериј Болотов, синоќа објави почеток на формирање на Армијата на Југоистокот, чија крајна цел е заземање на Киев. Во видеосоопштение емитувано на локалните станици Болотов рекол дека во градот ќе биде воведен полициски час, забрана на политички партии и дека тој очекува дека локалната полиција ќе премине на страната на народот во Лугањск.

 Болотов истакнал дека новите вооружени сили нема само да го заштитуваат регионот, туку ќе се обидат да го заземат и украинскиот главен град.

„Нема да седиме и да чекаме да нè опколат и да нè запалат“, рекол тој.