(ВИДЕО) Шест мртви во самоубиствен напад во Кабул

Шест цивили се убиени и уште тројца се повреден во понеделникот во самоубиствен напад во близина на зградата на авганистанската разузнавачка служба NDS во главниот град Кабул, изјави портаролот на министерството за внатрешни работи.

Овој напад изведен во времето кога вработените доаѓале на работните места доаѓа една седмица по нападот врз центарот за обука на NDS, исто така, во главниот град на Авганистан.

Портпаролот на министерството за внатрешни работи, Наџиб Даниш, изјави дека шест цивили коишто се наоѓале во автомобил се убиени во експлозијата.

„Шест лица загинаа, а три се ранети. Сé уште не ја знаеме целта на нападот, но тој се случи на главниот пат“, изјавил додавајќи дека меѓу жртвите имало и жени.

Одговорноста за нападот ја презема ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава, пренесе агенцијата Amaq, којашто редовно известува за активностите на џихадистичката мрежа.

Минатата седмица воениот центар за обука на NDS беше нападнат од вооружени борци на Исламската држава кои се судрија со авганистанските безбеносни сили. Нападот беше одбиен, а тројца напаѓачи беа убиени по тричасовната престрелка.

Џихадистичката мрежа Исламска држава првпат го објави своето појавување во Авганистан во 2015 година. Од неодамна таа го прошири своето присуство во оваа земја разорена од долгогодишните борби меѓу властите во Кабул и талибаните, особено по губењето на териториите коишто ги контролираше во Ирак и во Сирија. Исламската држава ги зголеми своите напади во главниот град Кабул, насочуваји ги на припадниците на безбедносните сили и на шиитската заедница која живее во областа на престолнината.

Авганистанското министерство за одбрана претходно во декември објави дека војската планира да започне голема операција против Исламската држава во северните покраини Сари Пул, Ферјаб и Џовзџан, каде што според нејзините податоци се лоцирани странските милитанти, меѓу кои и француски државјани, кои се приклучиле во редовите на џихадистите уште во текот на нивните операции на Блискиот исток.

Специјалниот претставник на рускиот претседател за Авганистан, Замир Кабулов, во саботата предупеди дека околу 10.000 терористи на Исламската држава во моментов се присутни на територијата на Авганистан и дека нивната бројност се зголемува поради преместувањето на терористичката групација на подрачјето од Средниот Исток во Централна Азија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.