ВИДЕО: Севернокорејски дезертер бега кон Јужна Кореја

Командата на меѓународните сили на Обединетите нации под водство на САД во средата објави драматична видео снимка од бегство на севернокорејски пребег преку границата со Јужна Кореја. Војниците од Северна Кореја пукаат во него и го бркаат, а јужнокорејските војници го спасуваат.

На снимката се гледа како војникот бега со џип, а потоа застанува, по што севернокорејските војници пукаат кон него додека тој ја минува границата. Потоа, јужнокорејските војници доаѓаат до него и го носат на безбедно место, додека севернокорејските војници се собираат од својата страна на границата.

Командата на ОН соопшти дека Северна Кореја го прекршила договорот за примирје со кој беше завршена корејската војна, со тоа што војниците на оваа земја пукале преку границата и физички поминале преку неа во потерата по пребеганиот војник.

Пребегот е ранет со повеќе куршуми, по што бил однесен во болница каде му се извршени хируршки интервенции. Северна Кореја досега не ги коментираше овие информации.

На 13-ти ноември офиијален Сеул објави дека севернокорејски војник пребегнал во Јужна Кореја, откако го погодиле и раниле севернокорејските граничари. Војникот на Северна Кореја бил пронајден на јужната страна од пограничното село Панмунјом, околу 50 километри јужно од воената демаркациона линија, ранет во рамето и лактот, изјавил фунцкионер на јужнокорејското министерство за одбрана. Според него, пребегнал од блиската касарна на севернокорејската гарда и закрепнува во болница.

„Пребегот со хеликоптер на командата на Обединетите нации итно е префрлен во болница и немаше размена на оган од наша страна. Имајќи предвид дека подрачјето е изложено на северната страна, моравме да ползиме за да го извлечеме“, рече тогаш за Reuters неименуваниот јужнокорејски функционер на министерството за одбрана.

 

Секоја година во просек околку илјада граѓани на Северна Кореја пребегнуваат во Јужна Кореја. Повеќето од нив патуваат преку Кина и не е вообичаено Севернокорејците да ја минуваат границата меѓу двете Кореи.

Овој пребег на војник се случува во екот на зголемените тензии меѓу Северна Кореја и САД, кои имаат стационирано постојано околу 50.000 војници во Јужна Кореја.

 

https://www.youtube.com/watch?v=9nZcyr3u3bQ