ВИДЕО: Силна експлозија пред Националната банка на Грција

Силна експлозија имало рано утринава пред зградата на Централната банка во грчкиот главен град Атина, објавуваат тамошните медиуми, пренесува Нетпрес.

Детонацијата се случила по претходни две анонимни телефонски предупредувања, дека автомобил натоварен со седум килограми експлозив се наоѓа пред зградата на банката.

Во првото јавување непознато лице ја известило редакцијата на информативната интернет страница „Зунгла“, а кратко време потоа друго неидентификувано лице се јавило во редакцијата на изданието „Весник на новинарите“, и рекло дека меѓу две улици во грчката прстолнина, во непосредна близина на Централната банка, има возило со седум килограми експлозив, кое ќе детонира за околу 45 минути.

Полицијата веднаш го обезбедила реонот, а на посоченото место бил лоциран автомобил марка „Нисан Сани“, кој претходно бил украден. По прегледот, полицајците утврдиле дека возилото навистина е натоварено со околу седум килограми кесплозив.

Веднаш било евакуирано целото население од околните станбени објекти. Точно во 5,55 часот, утринава, се чула силна експлозија која одекнала низ цела Атина. Во детонацијата целосно бил уништен автомобилот-бомба, а штети претрпеле и околните станбени и деловни објекти, но за среќа настрадани лица немало.