ВИДЕО: СЈО ја разобличува измамата на Заев?

Повеќе од година и половина претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев, тврди дека материјалите, аудио снимките и транскриптите од незаконското прислушкување на телефонски разговори, но и СМС комуникација, пред нивното јавно објавување тој сам ги преслушувал и сам одлучувал што ќе биде објавено. Но, статистиката содржана во годишниот извештај на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), објавена завчера, се чини дека ги демантира овие тврдења на опозицискиот лидер и укажува дека едноставно е невозможно еден човек во временски рок што го споменуваше Заев, да се преслуша повеќе од половина милион снимки.

Заев во придружба на заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, на 30-ти декември лани и’ ги предаде на специјалната обвинителка Катица Јанева материјалите од незаконското прислушување.

Во извештајот на СЈО се наведува дека интензивно се работи на преслушување на материјалите, кои што им ги предаде Заев и заклучно до 15-ти септември преслушани се 55.250 аудио фајлови, односно само 12 отсто од вкупно доставените 540.646 аудио записи.

„Досега, за година дена како што и самиот извештај кажува, само 12 отсто од доставените докази се преслушани“, информираше портпаролката на СЈО, обвинителката Ленче Ристовска на прес конференција одржана во четвтокот.

Ристовска рече дека овој процент на преслушани материјали делумно се должи и на условите во просториите во кои досега беа сместени вработените на СЈО.

На прес-конференцијата, пак, на Специјалното обвинителство одржана на трети јуни годинава, Ристовска даде попрецизна анализа за тоа колку материјали имаат и колку време ќе му биде потребно на обвинителството за да ги преслуша сите. Анализата на СЈО покажала дека на 11-та обвинители ќе им биде потребна година и половина за да ги преслушаат сите 540.646 аудио записи доставени до нив.

„Од наша страна направена е извесна статистичка анализа. Како што кажавме имаме примено 540.646 аудио записи кај нас, да земеме просек дека еден запис трае 90 секунди или минута ипол, нашите анализи покажуваат дека за 222 работни дена 11 обвинители доколку три часа дневно слушаат од материјалите ќе им требаат повеќе од година ипол само да ги преслушаат материјалите“, изјави обвинителката Ристовска на прес конференцијата во јуни.

Овие податоците и статистички анализи во целост ги демантираат и разобличуваат тврдењата на Заев кој од самиот почетокот на неговиот проект за објавување на нелегално прислушуваните телефонски разговори дека секој разговор и секој материјал бил прислушуван само од него пред се’, како што тврдеше тој, при пребарувањето по докази за тешки криминали да не се разоткријат и приватните разговори и интимности на прислушуваните.

Заев во февруари лани во интервју за 24 Вести, во првото интервју по објавувањето на првата т.н. „бомба“ изјави дека за целиот процес се подготвувал четири по пет месеци.

„Четирите или пет месеци потребни за оваа работа е една од  причината да седам сам за да го сублимирам материјалот, јас не можам да го поделам во партија, и секој да го вади она што е за во јавност или не“, изјави Заев во интервјуто дадено на 11-ти февруари 2015 година.

Заев и подоцна во повеќе наврати тврдеше дека тој сам и никој друг немал пристап до прислушкуваните материјали. Во еден наврат на прес конференција дури се пожали дека очите му се црвени и уморни од целоноќно преслушување на телефонските разговори.

Експертите уште тогаш јасно укажуваа дека невозможно е Заев само да ги преслушал материјалите за толку краток рок и посочуваа дека многу поверојатно е дека Заев добивал однапред подготвувани материјали од одредени лица или служби кои тој потоа само ги објавува на прес конференци. Пресметките кои тогаш ги направија медиумите беа дека на Заев би му биле потребни нешто помалку од 30 години за да ги преслуша сите разговори кои во тој момент тврдеше дека ги поседува. Пресметката велеше дека ако најкусиот можен телефонски разговор е две минути, ако е точно дека поседува материјал за 26.000 лица и со нивните разговори го пресметаме минимумот. За слушање на материјалите на едно лице, според минимум траење на разговорите, трошел по 10 часа. 26.000 лица по 10 часа е материјал од 260.000 часови. Тоа се неверојатни 29 и пол години кои се потребни да се преслушаат сите материјали кои Заев тврди дека ги слушал сам.

Покрај тоа што токму анализите и работата на Специјалното обвинителство покажуваат дека Заев не ја кажувал вистината дека тој сам ги преслушувал прислушкуваните телефонски разговори и напротив ги потврдуваат сомневањата дека материјалите ги добил од тајни служби надвор од земјава и дека тие го подготвиле за целиот процес на објавување.