ВИДЕО: Скопски бизнисмен уапсен за криминал тежок 400.000 евра

Управата за финансиска полиција уапси сопственик и управител на две градежни фирми од Скопје, осомничен за криминал тежок околу 400.000 евра.

Заедно со уапсениот скопјанецот Е.К. осомничени се уште две лица од Скопје, кои исто така се сопственици и управители на градежни фирми. Тие се товарат за помагање во вршење на кривичните дела и се недостапни за полицијата.

Според информацијата на Управата за финансиска полиција, приведениот, со цел да се стекне со противправна имотна корист, прикажал  фалсификувани податоци во сметководствената евиденција. Тој евидентирал 47 фактури со невистинита содржина од добавувачи-градежни фирми, кои се во сопственост и се управувани од второ и трето пријавениот. Тие фирми, пак, никогаш ниту извршиле услуги, ниту пак е извршено плаќање кон нив.

Второпријавениот, М.С исто така сопственик на градежни фирми од Скопје, со цел да му помогне на првопријавениот Е.К да изврши поврат на ДДВ, изготвил 14  фактури во износ од 14.385.944 денари кои не ги еведентирал во сопственото сметководство, со што прикажал невистинити податоци во поднесените ДДВ пријави и  завршните сметка.

Пријавениот Е.К со цел да се стекне со поголема материјална користи, од банкарските сметки на двете негови фирми за наводни „материјални трошоци“ и за наводни обврски „по склучен договор“  подигнал парични средства во готово за кои средства не изготвил и не доставил документација во сметководствената евиденција за нивна економска оправданост во износ од вкупно 54.238.910 денари.

Пријавениот со цел да не плати данок, дури и извршените набавки на трговска стока од маркети во Скопје кои ги користел за сопственото домаќинство во износ од 1.808.477 денари, без никаков правен основ ги плаќал со пари од фирмите кои ги поседува.

Основано сомневање за сторено кривично дело даночно затајување е утврдено и при продажба на основните средства на една од фирмите бидејќи наплатените пари наместо да ги упати на сметката на фирмата пријавениот ги присвоил лично за себе.

Финансиската полиција до Основното јавно обвинтелство во Скопје, против трите лица поднесе кривична пријава за сторени кривични дела „Даночно затајување“, „Фалсификување или уништување на деловни книги“ и „Помагање“.

На првопријавениот му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

Потрагата по второ и трето пријавениот е во тек.