ВИДЕО: Снимката со „сириското момче-херој“ лажирана

Милиони гледачи на Јутјуб беа пленети од „сириското момче-херој”, кое низ дожд од куршуми трчада си ја спаси сестрата. Сега една група норвешки филмски работници признаваат дека го снимиле видеото на Малта со намера да биде прикажувано како вистинско, за да го привлечат вниманието кон големиот број деца што се наоѓаат во воената зона, јави Би-би-си.

Видеото во кое момче од Сирија си ја спасува сестрата низ дожд од куршуми го обиколи светот по објавувањето на Јутјуб, но сега една норвешка филмска екипа признала дека го снимила со глумци и сириски бегалци што се наоѓаат на Малта.

Ларс Клевберг, режисер од Осло, открил дека ги направил тие сцени врз основа на телевизиски снимки од судирите во Сирија и дека на тој начин сакал да привлече внимание кон големиот број деца што се наоѓаат во воената зона.

„Снимавме на Малта во мај, и тоа на локации што биле користени за некои познати филмови како ‘Троја’ и ‘Гладијатор’. Момчето и девојчето што се на снимката всушност се професионални глумци од Малта. Гласовите што се слушаат во заднината се на сириски бегалци што сега се на Малта. Го направив филмот и се преправавме дека е снимка од вистински настан за луѓето да го споделат со другите и да почувствуваат дека има надеж“, објасни Ларс Клевберг.

Неговата филмска екипа добила дури и финансиска поддршка од Норвешкиот филмски институт за уметност за да го сними ова видео. Но тие ги отфрлаат сите обвинувања дека снимката е објавена на Интернет за да стигне на насловните страници.

„Тоа што децата преживуваат среде рафали од оружје требаше да биде една од малите траги што би ги натерале гледачите да се посомневаат во веродостојноста на она што го гледаат“, рекол продуцентот Џон Еинар Хаген и додал: „Пред финализирањето на проектот, имавме долги разговори со инвеститорите за етичките прашања поврзани со создавањето на еден таков филм.“