(ВИДЕО) Со само 75 евра рата до своја куќа

Проектот „Купи куќа, купи стан“ наиде на голем интерес, особено кај младите брачни парови но и кај сите оние кои сакаат да го решат станбеното прашање.

До сега 331 семејство добило станбен кредит, а Владата за таа цел исплатила два ипол милиони евра субвенции, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во Индекс на Радио Слободна Македонија.

-Ако граѓанин сака да купи стан и му е потребен кредит од 50.000 евра, тогаш граѓанинот треба да плаќа практично околу 300 евра месечна рата. Од тие 300 ерва 150 евра месечно плаќа Владата, а 150 евра граѓанинот, односно половина од месечната рата ја плаќа Владата. Посебно е важно што тоа се прави во првите години кога е најтешко да се враќаат парите. Доколку станува збор за куќа исто на кредит од 50.000 евра, со месечна рата од 300 евра, 225 евра, односно 75% покрива државата во првите 3 години, како и во 4-та и 5-та година, а граѓанинот треба да плати 75 евра. Се работи за исклучително поволни услови, објасни Ставрески.

Втората можност, додаде тој е Владата да помогне во обезбедувањето на средства за учество за да може граѓанинот да добие стамбен кредит. Станува збор за финасиска поддршка која се движи од 6 до 12.000 евра, а истата се исплаќа однапред со цел граѓанинот да добие кредит со сопствено учество.

Владата од неодамна, вели Ставрески за Индекс на Радио Слободна Македонија, ги намали и каматните стапки на овој субвенциониран станбен кредит или 3,95 % за првите три години и 4,44% за четвртата и петата година.

Проектот продолжува и идната година, а сите граѓани што од некоја причина не можеле досега да аплицираат, а сакале тоа ќе може да го сторат и идната година.