Видео: Сточарите ќе добијат субвенции и за угинато животно од „син јазик“

Владата на Република Македонија на итна седница донесе сет мерки кои што ќе значат превентивна заштита за понатамошно ширење на болеста „син јазик“, но и помош за сточарите.

-Прва мерка која што ја донесовме е да се препорача на сите сточари уште од утре да започнат со чистење на шталското ѓубре, за да можат ветеринарните станици со ветеринарните доктори и техничките лица да можат да извршат дезинсекција со цел да се унишат на инсектите кои ја пренесуваат болеста. Болеста се пренесува од животно на животно, преку комарци и мушички. Втора мерка е премачкување на добитокот со „Репелент“, кое е средство за одбивање на инсектите, односно комарците и мушичките. Третата мерка ќе се применува околу жариштата и се состои прскање со средство против овие инсекти. Со овие три мерки ќе придонесеме за намалување на ширењето на болеста, изјави заменик министерот за земјоделство Панчо Костадиновски.

Костадиновски воедно порача дека сите сточари на кои им угинало животно истото мора да го пријават кај ветеринар за да се евидентира и записнички да биде поткрепено, за да сточарот има право на субвенција. Тоа значи дека сточарот мора да ги спроведе сите спомнати мерки кои ги донесе Владата и тоа да биде констатирано од ветеринарната инспекција. Доколку ги спроведат овие мерки, сточарите ќе имаат право на субвенција и за угинатите животни.

Владата на Република Македонија исто така донесе одлука за ослободување на сточарите од надоместокот за пашарина, во оние места каде што има жаришта и каде е утврдено угинување на добитокот од болеста „син јазик.“