ВИДЕО: Судири помеѓу полицијата и демонстранти во Милано

Пред миланската „Скала“ синоќа, за време на гламурозното отворање на сезоната, дошло до судир меѓу полицијата и демонстранти, при што две лица се повредени, соопшти МИА.

Околу 300 демонстранти, кои носеле транспаренти со натписи против Владата, ги гаѓале полицајците со молотови коктели пред „Скала“, каде музичкиот директор Даниел Баренбоим организирал проштален концерт.

Според извештаите, двајца полицајци се повредени во судирите со демонстранти, кои протестирале поради мерките за штедење и бараат социјално сместување по серијата насилни иселувања.

Со премиера на операта „Фиделио“, на која присуствувале политички лидери и голем број истакнати личности, одбележан е крајот на девет годишниот мандат на Баренбоим во престижната куќа „Скала“.

Градоначалникот на Милано, Паоло Тронка ги осуди „насилничките напади врз полицијата“ и уништувањето на културните настани „кои служат да му дадат сила и значење на градот“.

Протестот го осуди и претседателот на покраината Ломбардија, во која се наоѓа Милано, Роберто Марони.

– Каков начин да се уништи забава. Секогаш на светот му даваме најлоша слика за себе. Вечерта на отворањето на „Скала“ е единствен спектакл, а ние успеавме да го уништиме, истакна Марони.