ВИДЕО: Сведоштва за синоќешните случувања во Париз

francija-zrtvi-2

Гардијан го објави сведоштвото на еден млад човек кој се наоѓал на стадионот, кога одекнале експлозиите.

Отидов да гледам натпревар. Во средината на првото полувреме се слушна експлозија. Мислев дека тоа е невообичаено, но потоа се случи уште една и нашите столови се затресеа. Тогаш сфатив дека веројатно нешто лошо се случува.

И понатаму ништо не правевме. Бев таму со група пријатели и никој од нас не погледна во мобилниот  телефон. На крајот од натпреварот наши пријатели почнаа да не повикуваат.

Натпреварот се одигра до крајот. Наскоро сите сфатија дека нешто се случува, а дека ние сѐ уште не знаеме што. Сите молчеа, атмосферата можеше да се сече со нож. Беше ужасно.

Некои луѓе почнаа да заминуваат, но сметавме дека е побезбедно да останеме внатре во стадионот.

На крајот сепак одлучивме да си одиме. Надвор полиција воопшто немаше, само луѓе во паника. Почнаа да се шират гласини дека постои напаѓач, и луѓето почнаа да бегаат. Едно девојче падна пред мене.

Неколку стотици од нас побрзаа назад кон стадионот, каде што чекавме уште некое време.

Кога излеговме на главната улица, видовме многу паравоени сили, тогаш сето тоа беше многу добро организирано. Потоа се упативме кон возот за дома кога добив повик од девојката која ми рече да не се враќам дома затоа што има пукање  на Ру де Шарон, каде што живеам. Затоа се вратив во источниот дел од Париз со еден пријател. Сега сум во ред, но страшно е тоа што се случи во близина на мојот дом.  Сѐ уште се тресам, раскажал  сведокот.