ВИДЕО: Тополотен бран во Австралија

Температурата на воздухот во Јужна Австралија неколку денови по ред е над 40 степени. Здраствените власти соопштија дека 129 луѓе побарале лекарска помош поради високите температури и дехидрирање.

Глобалната временска прогноза на Обединетите нации покажува дека австралискиот град Аделаид утре ќе биде најтоплиот град во светот со температура од  46 степени.  Утре во Канбера се очекува до 40 степени, а во Мелбурн 44 степени.

Топлиот бран што го зафати југоисточниот дел на Австралија предизвика илјадници шумски пожари. Во сојузната држава Јужна Австралија се регистрирани 800 шумски пожари, а во соседната Викторија околу 1.000 пожари.

Поради високите температури во Мелбурн тенисерите на турнирот „Австралијан опен“ имаат здравствени проблеми. Организаторот денеска ги прекина натпреварите што требаа да се играат до 17 часот по локално време.

 

Еколошката група „Совет за климата“ соопшти дека 2013 била најтопла година во историјата на Австралија.