ВИДЕО: Тренерот на Галатасарај со панцир за време на мечот во Белград

Тренерот на турскиот тим Галатасарај Ергин Атаман носел панцир под кошулата за време на мечот со Црвена звезда одигран синоќа во „Комбанк“ арена во Белград.

Атаман само неколку дена пред мечот во Белград добил дозвола да патува со екипата на Галатасарај во Србија. Тренерот излезе на теренот во „Комбанк“ арена со двајца припадници на личното обезбедување, а турските медиуми пишуваат дека тој стравувал за својот живот и поради тоа носел панцир од челик.

Припадниците на обезбедувањето цело време биле со него на теренот.

Атаман е мета на навивачите на Црвена звезда бидејќи за нив изјави дека се „терористи“ по мечот на двата тима одигран во Истанбул на 21.ноември минатата година, кога беше убиен Марко Ивковиќ навивач на српскиот тим.

Атаман потоа неколку пати се извинуваше за тоа што го кажал, а истото го сторил и по синоќешниот меч во Белград кој Галатасарај го доби со 74:65.