Македонија,Крими хроника

ВИДЕО: Уапсени пет лица, запленети 4, 5 килограми марихуана и одземени околу 12.000 евра

ВИДЕО: Уапсени пет лица, запленети 4, 5 килограми марихуана и одземени околу 12.000 евра

Министерството за внатрешни работи, во рамки на републичката акција „Мрежа“, реализираше случај во кој е откриена криминална група која набавувала и дистрибуирала марихуана, но и други видови наркотици во неколку града од државата.

Во акцијата од слобода се лишени пет лица, а при претресите во Скопје и Кавадарци, запленети се околу 4,5 килограми марихуана, одземени околу 12.000 евра и 0,12 грама и 0,15 грама прашкаста кристална материја стимуланс – МДМА  и 2 таблети МДМА.

Како што соопштуваат од МВР, акцијата отпочнала кога било добиено сознание дека првоосомничениот го ангажирал неговиот син, пред нивниот дом во с. Морани да ги пречека лицата трето и четвртоосомничените со наркотичната дрога марихуана, да ја измери тежината на истата, како и да ги подготви и исплати паричните средства во износ од 13 000 Евра.

Добавувачите пристигнале со патничко моторно возило марка “Seat Cordoba“ со скопски регистарски ознаки, во дворот од куќата каде што живеат таткото и синот кои сакале да ја набават дрогата, двајцата ја извадиле марихуаната и ја измериле на вага за мерење на наркотична дрога, која потоа синот ја сокрил во дрвен сад кој се користи за чување на сточна храна, а добавувачите останале да го чекаат првоосомничениот во неговата куќа.

Поради постоење на основи на сомнение дека ќе се пронајде наркотична дрога или други предмети кои потекнуваат од кривично дело, по претходно обезбедена наредба од судија во претходна постапка извршен е претрес во 1 објект кај првоосомничениот 47 – годишниот Р.А. од Скопје, при што пронајдено и одземено е околу 4 кг. растителна материја (најверојатно марихуана), вага за мерење на наркотични средства и околу 5.000 евра во различни валути (денари, евра и долари), додека кај неговиот син К.Б. (20) пронајдени и одземени се околу 8.000 евра во различни валути. Исто така по извршениот претрес и преглед врз лицата со потврда за привремено одземени предмети одземени се 2 патнички возила, повеќе телефонски апарати и СИМ картички.

Веднаш потоа, извршен е претрес и во станот на ул. „Драга Стојанова“ во Скопје, кај лицето  Ј.С. која во договор со Р.А. набавила наркотична дрога заради понатамошна препродажба по негови инструкции, за да се стекне со против правна имотна корист.

При претресот понајдени се 20 зипер мали ќесички со растителна материја зелена боја; eдна дигитална вага, една поголема зипер ќеса во која има 6 помали зипер ќеси со растителна материја со зелена боја, 9 поголеми полиетиленски паковања со растителна материја со зелена боја, остатоци од растителна материја со зелена боја, 115 празни зипер ќесички, една кутија цигари „West“ во која има 11 рачно направени цигари исполнети со растителна материја со зелена боја, едно полиетиленско ќесе во кое во хартија има две таблети со сина боја, едно полиетиленско мало паковање во кое има остатоци од таблети и прашкаста материја сина боја од непознато потекло, едно полиетиленско мало паковање со прашкаста материја со бледо жолта боја мобилен телефон марка марка „HTC“ со сим картичка и една мемориска картичка со натпис „Scndise Vetra 32G3“.

Таа, според сомненијата по инструкции од Р.А. имала намера набавената дрога да ја препакува и препродава на наркозависници со кои контактирала.

Исто така преземени се дополнителни мерки и активности насочени кон лицето М.А. (25) од Кавадарци за кого исто така постоеја сомненија дека врши препродажба на дрога за сметка на Р.А. и на тој начин се стекнува со лична имот корист задржувајќи дел од паричните средстава. При претресот пронајдени се траги од марихуана додека лицето и други предмети од интерес на службата не се понајдени.

Одземената растителна материја е предадена во Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР на РМ,  заради понатамошно вештачење.

Во текот на спроведувањето на повеќемесечната истрага против организирана криминална група инволвирана во недозволена трговија со дрога, обезбедени се материјални докази против пет лица, членови на криминалната група, за кои постои основано сомнение дека истите биле инволвирани во нелегална трговија со наркотични средства.

До Основното Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесена е кривична пријава против Р.А.(47), К.Б.(20), И.И.(57) и С.А.(21) сите од Скопје, и Ј.С.(25) во Прилеп, а престојува во  Скопје за сторено кривичното дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” предвидено и казниво по член 215  став 3 од Кривичниот законик на Р. Македонија.

МВР на РМ во координација со Основното Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција продолжува со преземање на мерки и активности за целосно расчистување и документирање на случајот.

Досега во рамки на Оперативната обработка мрежа откриени се над 170 лица кои се товарат за нелагална трговија со наркотици, а запленети се над 520 килограми разни видови дроги.