ВИДЕО: Веселата математика на Бакојани и грчкиот иредентизам

Дора Бакојани ја подели Македонија на Скопје, Бугарија и Албанија, коментира грчкиот портал „Newsrebel“, објавувајќи при тоа две постари снимки од поранешната шефица на грчката дипломатија.

И во двете изјави во видеата, за кои што порталот тврди дека досега не биле објавени во грчките медиуми, Бакојани прави математички грешки зборувајќи за тоа колкав процент од географскиот регион Македонија им припаѓа на соседните држави.

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, сепак „веселата математика” на Бакојани не е тема на коментарот на порталот, туку акцентот во текстот е ставен на тоа што Бакојани „ја поделила” Македонија на соседните земји, наспроти идеологијата на основачот на нејзината партија кој што тврдел дека „Македонија е една и грчка”.

„Ќе видите шокантни тврдења на поранешната министерка за надворешни работи за македонското прашање. Во суштина, таа ја распарчи грчката Македонија на Скопје, Бугарија и Албанија. Само да ја потсетиме дека основачот на партијата на која што таа и припаѓа сметаше дека Македонија е една и грчка, затоа што очигледно таа покажува селективна меморија во однос на историјата”, пишува грчкиот портал.

Иредентистичката теза дека Македонија била една и грчка се чини дека е застапена и меѓу бројната грчка дијаспора. Па така на пример, грчката Панмакедонска организација од Канада на својата официјална фејсбук страна има споделено фотографија со карта на „Голема Грција”, на која што пишува „Вистинската Македонија е само грчка”, а целата територија на нашата земја е покриена со грчкото знаме и опфатена во грчки граници.

Дека Македонија наводно била една и грчка е теза која што е поддржана и од неонацистите од Златна Зора, а е често повторувана и од солунскиот митрополит Антимос. Поранешниот министер за спорт во владата на Антонис Самарас, пак, изрази жалење затоа што неговите предци не ја „ослободиле” и Гевгелија.

И додека дел од Грците се чини дека сонуваат за Скопје, Гевгелија и Битола, шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас најави предлагање на мерки за зајакнување на довербата меѓу Македонија и Грција, при што акцентот ќе бил ставен на наводниот иредентизам од македонска страна. Коѕиас смета и дека вистинскиот проблем зад името биле наводните освојувачки претензии на Македонија кон Грција.

panmacedonian canada

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.