ВИДЕО: Власт изѕидана од политички без’рбетници

Уште од самиот почеток на формирањето на сегашната владејачка коалиција беше јасно дека Владатa на Зоран Заев ќе кубури со обезбедување просто мнозинство во парламентот, што веќе во неколку наврати се оствари.

Поради тоа Заев се одлучи за стариот испробан рецепт на СДСМ да ги собира политичките без’рбетници во остварување на своите амбиции да се владее под изговорот дека е нужно стабилно мнозинство во Собранието коешто ќе ги поддржи божемните реформски настојувањата на актуелната власт.

Нови коалициски партнери на СДСМ предводен од Зоран Заев, по повеќемесечни преговори, станаа крилото на Движењето БЕСА коешто го води Африм Гаши и ДПА на Мендух Тачи. Исто така, се поизвесно е и влегувањето на Амду Бајрам во состав на владејачката коалиција.

БЕСА на Гаши го добива Министерството за култура, а за ДПА е договорено министерското место без ресор за странски инвестиции што се испразни по заминувањето на Рамиз Мерко. Овие две партии ќе се вклучат и во прераспределбата на позициите заменик-министер и државен секретар. Заменичките места во министерствата за надворешни работи, за транспорт и врски и за труд и социјала се празни уште од моментот кога Алијансата за Албанците ја напушти Владата. За уште неколку се говори дека ќе бидат менувани.

Со влегувањето на овие две партии во власта, парламентарното мнозинство ќе се зголеми за пет пратеници. Заев ќе може да смета на 67 гласа. Засега во опозиција остануваат двајца пратеници од крилото на Движењето БЕСА предводено од Билал Касами, кој ги напушти преговорите незадоволен што не му било понудено министерско место. Се шпекулираше дека уште неколку пратеници на опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ се двоумат за преминување во редовите на власта, но засега од тоа нема ништо.

Претходно двете владејачки партии во парламентот имаа вкупно 59 пратении, 49-те на коалицијата на СДСМ и десетте на ДУИ, кои беа засилени со поддршката на Алијансата на Албанците која, пак, подоцна истапи од Владата. Но, нејзините мандати беа набрзо супституирани со истапувањето на Амди Бајрам и неговиот Сојузот на Ромите, од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Истото се случи и со Чедомир Саздовски кој истапи од ГРОМ, а неговиот досегашен сопартиец Панчо Минов најави дејствување надвор од коалицијата, како и на Јусуф Хасани од Демократската партија на Турција.

Не е нова ваквата практика на СДСМ со разни понуди да настојува да дојде до парламентарно мнозинство, имајќи го во предвид политички ‘рбет на учесниците на македонската политичка сцена.

Амди Бајрам, на пример, кариерата на пратеник сега со дури седум мандати, ја започна како сојузник на Социјалдемократите, тогаш предводени од Бранко Црвенковски, кому во 2001-та му даде „гол со пета“ во пазарењето со неговиот побратим Љубе Бошкоски и мина во редовите на коалицијата на тогашна ВМРО-ДПМНЕ на Љубчо Георгиевски. Потоа со години беше коалициски партнер на неприкосновената коалиција водена од Никола Груевски, а ланскиот мај кога како што самиот вели „видел дека бродот на ВМРО-ДПМНЕ тоне“ му се извини на Заев, кому пак неколку месеци претходно му порачуваше дека „со морков ќе го стави во кафез“.

Чедо Саздовски, некогашен неуспешен социјалдемократски кандидат за градоначалник на Кисела Вода, подоцна му се приклучи на Стевчо Јакимовски во ГРОМ и активно дејствуваше во коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. По последните парламентарни избори меѓу првите, најверојатно благодарејќи на перцепцијата што за неговиот карактер како политичар ја имаа неговите поранешни колеги од СДСМ, беше првиот пратеник од опозицијата за кој се шпекулираше дека ќе премине во таборот на Заев кој се обидува да собере мнозинство и да ги намали мнозинскиот број пратеници што го освои Коалицијата за подобра Македонија водена од ВМРО-ДПМНЕ. Саздовски тогаш без да ја извести својата матична партија, исчезна речиси две седмици, за подоцна да ја обзнани својата одлука дека повторно го менува политичкиот табор. Инаку, Чедомир Саздовски стана пратеник со гласовите на ВМРО-ДПМНЕ, а не со гласовите на ГРОМ, а уште помалку со сопствени гласови.

Движењето БЕСА за којашто ДУИ беше дел од претходната „криминална и злосторничка“ власт, на последните локални избори по обвинувањата за изборни манипулации од страна на партијата на Али Ахмети ја обвини дека станала огранок на СДСМ. Оваа партија ланскиот април му порача на Заев дека нема да влезе во неговата влада без официјализација на албанскиот јазик, но откако дојде до раскол во нејзините редови очигледно е дека токму тоа е цената која што Зоран Заев ја платил за да ги добие гласовите на БЕСА.

Некогашниот „војвода“ Мендух Тачи кој имаше долгогодишно сојузништво со ВМРО-ДПМНЕ, со своите два пратеника сега му дава поддршка на Заев. Меѓутоа, овој поранешен близок соработник на лидерот на ДПА Арбен Џафери очигледно со далеку помал политички капацитет го загуби интересот за политиката и повеќе е заинтересиран за бизнис интересите. А тие во македонските услови се остваруваат преку власта.

Инаку пред четири години Тачи на прес-конференција објави пикантни детали од стари СМС пораки на Зоран Заев во кои вториов го молел да соработуваат. Тогаш лидерот на ДПА, не кажа точно што се било барано од него, со образложение дека тоа би било многу ниско и „затоа што ако каже се, Заев ќе си имал проблем со неговото семејство и неговите деца“. Во пораките на Заев до Тачи се гледа како актуелниот лидер на СДСМ го молел да се сретнат и дека за тоа ја имал поддршката од меѓународниот фактор. Тачи обвини дека СДСМ води валкана кампања против него и оти тоа била резултат на одбивањето тој да води „подземна и тајна“ соработка со кој било политички субјект е причината за кампањата против него и додаде дека знае многу работи и дека добивал и недостоинствени пораки кои нема да ги објави.

Во кампањата за предвремените избори во 2016 година, Мендух Тачи го обвини претседателот на ДУИ, Али Ахмети, неговиот сегашен партнер во владата на Зоран Заев, дека на народот му донел само насилство.

„Се залагаме и за закон за амнестија што ќе го донесеме со цел да не лежат во затвор сите осуденици од монтираните политички случаи. Такви ги има многу зошто ДУИ ни донесе насилство, крв и затвори“, рече тогаш Тачи обвинувајќи ја партијата на Ахмети за финансиски махинации.

По изборите, пак, Тачи исклучи можност да даде поддршка на ниту една влада и дека во секој случај ќе остане опозиционер. Сега може само да се нагаѓа за мотивите кои лидерот на ДПА да се вклучи во владата на Заев. Освен само деклартативната заинтересираност за „интегративните и реформски“ процеси.

Но токму по ова последново поранешниот македонски амбасадор во Швајцарија од редовите на ДУИ, сега политички аналитичар, Алајдин Демири, во дебатната емисија „Само Вистина“ жестоко ги критикуваше наводните реформски процеси на владата на Зоран Заев и СДСМ и според него таа не може да спроведува рефааорми бидејќи нејзиниот концепт не е реформски.

„За кои реформи Заев зборува, јас не сфаќам. Еве во судство, во судството не може да ги прави реформите. Сите показатели, сите овие актери што требаше да ги спроведат реформите како комисијата се повлекоа. Се формираше и друга комисија и од тука ќе се повлечат. Знаете зошто? Едноставно тие чувствуваат дека концептот не е реформски и не може да се прават реформи“, речи Демири.

Меѓу другото тој го критикуваше и проширувањето владејачкото мнозинство и влезот во Владата на албанските партии како и партијата на Амди Бајрам. Новите коалициони партнери на Заев влегуваат во Владата без платформа истакна тој, единствено ќе се борат за директорски и заменик директорски позиции. Според него, по тоа се гледа политичкото однесување, култура и стабилноста на владата на СДСМ.

„Новите партии, влегуваат без ниедно политичко барање. Што мајка бараат во коалиција? Кое е нивното барање за Албанците кое ќе го стават во платформата? Поради тоа молчат, немаат ниедно барање. За што ќе се борат, за заменици директори и директори. Тоа е. Тоа го укажува нивото на политичкото однесување, политичката култура и на стабилноста на владата. Па, видете граѓаните не ги гласаа нив, 15 луѓе да вработат, свои луѓе тука што се во тоа милје во таа средина и другите ништо не добиваат. А, со години веќе албанските гласачи ништо не добиваат“, заклучи Демири.