ВИДЕО: Во „Арсенал“ паднаа 9 лица

Министерството за внатрешни работи поднесе 9 кривични пријави за акцијата која утрово беше спроведена, а на која и е дадено името „Арсенал“.

Пријавените девет лица се од Скопје, Кочани, Струга и Пробиштип. Тие се на возраст од 51 до 67 години и се во својство на овластени потписници на нерезидентни сметки во Комерцијална банка, како и сопственици, основачи, директори или управители на фирми во Кипар, Бугарија, Велика Британија, Кипар и Македонија.

Во криминалните активности учествувале фирмите „Дрвомак“ од Благоевград, Бугарија, КЛ „Техносервисес“, Ливерпул, Велика Британија, „Деликатес трејдинг“ на Кипар, „Студио Д“, Кочани, „Делтатекс“, Кочани, „Специјална опрема“- Скопје и „Сувенир“ – Самоков Македонски Брод.

Имено, според обвиненијата, лицата се товарат дека земале повеќе пари од потребното за сервисирање на хеликоптери на АРМ во Украина, со што го оштетиле Министерството за одбрана за 2, 77 милиони долари или 135 милиони денари.

„Лицата се товарат дека за сервисирање на хеликоптерите во Украина потрошиле повеќе пари отколку што било потребно. Инаку за нивното сервисирање, плаќале и за делови кои не биле потребни. Подоцна овој остаток од пари легнувале на сметки на фирмите во и надвор од Македонија“, велат од МВР.

Лицата се товарат дека во периодот од 2004 до 2009 година оствариле злосторничко здружување, перење пари, злоупотреба на должноста, како и фалсификување и уништување на деловни книги.

Во акцијата се уапсени Нелко Менкиновски, Ванчо Деликатес со семејството и директорот на компанијата Сувенир Самоков од Македонски Брод.

Криминалната група ја формирале лицата кои се во роднинска врска, а потоа кон истата се приклучил и екс началникот на секторот за логистика во Министерството за одбрана, кој ги склучувал договорите, како и директорот на Сувенир Самоков. Началникот постојано имал увид во целата ситуација и не преземал доволно активности за заштита на интересите на Министеството.

Уапсениот екс началник на секторот за логистика во Министерството за одбрана досега бил двапати пријавуван. Тој во случајот „Тенковски делови“ е осуден на казна затвор од две години, а потоа Апелација му ја намалила казната на условно.

Сите осомничени во текот на денешниот ден ќе бидат изведени пред Суд.