(ВИДЕО) Во Северна Каролина урнат споменикот на војниците на Конфедерацијата

Демонстранти урнале споменик на војник на Конфедерацијата во кампусот на Универзитетот Северна Каролина, што е најновиот вандализам во серијата уништувања на симболите од Американската граѓанска војна, во заднината на јавните дебати за расните односи и наследството од ропството во САД.

Околу 300 демонстранти се собрале во понеделникот ноќта на протест пред споменикот „Silent Sam“, кој е подигнат во 1913 година во спомен на загинатите војници на Конфедерацијата којашто се залагала за зачувување на робовладетелскиот систем.

Ректорката на Универзитетот Северна Каролина, Керол Фолт вели дека ги сфаќа фрустрациите на демонстрантите, но нивното однесување го оценува како вандалско.

„Споменикот со години веќе раздвојува. Меѓутоа, синоќешните дејствија се незаконски и опасни. Среќни сме што никој не е повреден“, изјави Фолт.

Гувернерот на сојузната држава Северна Каролина, Реј Купер, кој доаѓа од Демократската партија, испрати слична порака велејќи дека ги „споделува фрустрациите на демонстрантите“, но го осуди насилното уништување на јавната сопственост.

Универзитетската полиција уапсила најмалку едно лице коешто било маскирано и давало отпор при приведувањето, изјави Одри Смит, портпаролка на универзитетот.

Намерите на групи за човекови права и други активисти да се пресметаат со спомениците од периодот на Конфедерацијата се зголемија откако пред три години отворениот бел супремацист Дилан Руф уби девет афроамериканци во црква во градот Чарлстон во Северна Каролина, што се надоврза на општиот хаос предизвикан од случаите на полициската бруталност во која смртно страдаа афроамериканци и убиствата на бели полицајци. Тогаш беше отстрането знамето на Конфедерацијата коешто со децении се вееше пред парламентот на Северна Каролина.

Од тогаш се отстранети над 110 слични симболи ширум САД, но останале уште 1.700, според процените на групата за граѓански права Southern Powerty Law Center. Многу од спомениците се подигнати на почетокот од XX век, по неколку децении од крајот на граѓанската војна. Во САД активистите во овие споменици гледаат симбол на расизмот и величење на јужните држави на Конфедерацијата, додека други сметаат дека станува збор за важни симболи од американската историја.