ВИДЕО: Во воз кај Гевгелија откриени мигранти, меѓу кои и деца

Во текот на изминатите 24 часа, Министерството за внатрешни работи издаде 253 потврди на илегални мигранти кои изразиле намера за поднесување на барање за азил

Во текот на изминатите 24 часа, Министерството за внатрешни работи издаде 253 потврди на илегални мигранти кои изразиле намера за поднесување на барање за азил.

Како што информираат од МВР, дел од мигрантите, меѓу кои и деца, се откриени во товарен воз кој од соседна Република Грција пристигнал на Железничката станица во Гевгелија. Илегалните мигранти се откриени откако почнале да удираат од внатрешноста на вагонот, заради неподносливите услови внатре, односно опасноста да се задушат.

„Врз основа на измените и дополнувањето на Законот за Азил и привремена заштита од 18.06.2015 година, Министерството отпочна со издавање на потврди за искажана намера за поднесување на барање за признавање право на азил во Република Македонија на странските државјани кои илегално влегуваат на нашата територија. Во периодот од 19.06.2015 до 30.06.2015 година во 08.00 часот, издадени се потврди на 5.258 странски државјани, од кои, 4.147 се од машки пол, 640 се од женски, 461 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште десет деца на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил“ , се наведува во соопштението.

Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија- 3.310, потоа Авганистан- 511, Ирак- 326, Пакистан- 271, Сомалија- 245, Конго-188, Палестина-152 додека останатите се во помал број.

Во текот на вчерашниот ден, беше пријавено и едно разбојништво извршено врз илегален мигрант. Околу 18,00 часот во Куманово кај автобуската станица, додека Х.М.(1982) од Сирија се движел, 2 лица му понудиле да го превезат за Р.Србија и сите заедно пеш се упатиле по ул.„Доне Божнов” и низ бензинската пумпа продолжиле кон задната страна од домот за стари лица „Зафир Сајто“, и кај Споменикот Костурница, каде откако едното лице обавило телефонски разговор, по кратко време пристигнало друго лице со ПМВ„Голф“. Сите влегле во возилото и се упатиле во нас.Карпош, на м.в.„Почивало“, каде едно од лицата извадило метална шипка со која физички го нападнал сирискиот државјанин, удирајќи го со истата во пределот на грбот, му го одзел ранецот во кој имало сириска патна исправа на негово име, 3 мобилни телефони „Самсунг Галакси”, поголема количина евра и долари, чевли, а потоа го оставиле и заминале во непозмат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите.

Во текот на вчерашниот ден и Министерството за здравство продолжи со преземање на мерките произлезени од заклучоците на координативното тело.

Во Визбегово со ОРУ вакцина се вакцинирани 3 лица. Извршена е дезинфекција на железничката станица во Куманово и тоа на 800м2 вагони и 100м2 чекална и ВЦ-а. Потоа на Табановце дезинфицирани се 400м2вагони, а во Скопје 800м2 вагони и 1500ш2 и во Гевгелија дезинфицирани се 600 м2 полициска станица и 3 полициски возила, како и 1000м2 (перон и Чекална).

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.