ВИДЕО: Заев денеска зборува едно, утре друго

Лидерот на СДСМ Зоран Заев продолжува со своите променливи ставови и изјави без разликa дали станува збор за прашања од суштинска важност како спорот за името или пак за други прашања кои се од голема важност за граѓаните.

Заев, кој на пaртиската трибина во Валандово излезе со изјава дека кога ќе дојдат на власт ќе влезат тимски, од хигиеничар до министер, сега тврди дека партиската книшка диктирала се и ќе се борел тоа да се сменело, пренесува порталот „Курир“.

Неконзистентноста во ставовите и изјавите на Заев се гледа во тоа што тој едно зборува денеска, а утре друго, сосема спротивно од неговата првична изјава која самиот ја погазува и сам се демантира.

Имено, првиот човек на опозицијата за време на неговото вчерашно обраќање на конференцијата во Скопје, кое беше строго контролирано, заборави на изјавите кои ги даде во 2010 година на партискиот собир во Валандово, па сега излезе со дијаметрално спротивен став од она што тогаш го кажа.

Заев изјави дека партијата и партиската книшка диктираат сè и потенцираше дека СДСМ бара да се смени таквиот амбиент. Наспроти ова, јавноста многу добро ја памети неговата изјава од собирот во Валандово кога порача дека кога ќе дојдат на власт ќе влезат тимски, од хигиеничар до министер.

„Почитувани социјалдемократи, ако ве прашаат што со пренатрупаната државна администрација од ВМРО-ДПМНЕ, да им кажете дека Заев беше во Валандово и рече дека ќе ги бркаме од работа. Тие тоа треба да го знаат. Свесни сме дека ако сакаме да бидеме на власт, треба да влеземе тимски, од хигиеничар до министер во секој ресор во државата и така имаме намера да ја водиме Македонија“, рече Заев на партиската трибина во Валандово , на која ја даде и изјавата по која јавноста многу добро го памети, дека „живи луѓе има да јадеме кога ќе се вратиме на власт“.