Видеото од „Поткуп“ пак не се гледаше во судница

Судењето за предметот „Поткуп“ продолжи денеска со слушање на телефонски разговори на обвинетиот премиер Зоран Заев, снимени со посебни истражни мерки, но без присуство на новинари. Поради тајноста на овие докази, судот донесе одлука за време на презентирањето на овој доказен материјал јавноста да биде исклучена од судскиот процес.
Видео снимката, на која Заев наводно бара поткуп од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев, не се гледаше во судницата. Апелацискиот суд треба да одлучи дали новинарите и јавноста ќе бидат присутни во судница кога истата ќе се пушта на рочиште.

Претходно адвокатите на Заев побараа сведочењето на Сачевалиев на минатото рочиште да не биде земено како доказ во постапката. Исто така, побараа да не бидат земени предвид и другите докази на обвинителството бидејќи, како што рекоа, се ирелевантни за обвинението.

Наредното судење е закажано за понеделник, на кое исто така ќе се преслушуваат телефонските разговори.

Во тие разговори нема никакви докази, тоа се разговори на градоначалник како со секој друг граѓанин. Знам дека со ПИ- мерки сум прислушуван нешто повеќе од две години, а според моите сознанија, знам дека согласно закон и за тероризам и други тешки кривични дела најмногу може да се приалушува до година и три месеци. Немам ништо што ме плаши во делот на разговорите од овој случај, рече премиерот.

На едно од минатите рочишта адвокатскиот тим на Заев побара снимката од која дел беше објавен на Ју тјуб јавно целосно да биде објавена. Судот донесе одлука да го прифати нивниот предлог, но обвинителството побара ваквиот предлог да се преиначи бидејќи според обвинителството снимката не смее да биде јавно објавена.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.