Видете какво време не’ очекува до крајот на неделата

Во Македонија денеска се очекува преодно стабилизирање на времето со пораст на дневната температура. Ќе биде сончево со умерена облачност, а ќе дува и слаб до умерен ветер од југоисточен правец.

Утринската температура ќе се движи од минус еден до шест, а дневната од 15 до 21 степен.

Во Скопје слично време, со температура од два до 19 степени.

Според УХМР, утре, под влијание на нов влажен бран, ќе има врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во северозападните, северните и источните делови од земјата. Локално се очекува да наврнат над 25 литри на квадратен метар воден талог. Ќе дува засилен ветер од јужен правец. Во вечерните часови и во текот на ноќта кон четврток поради спуштање на постуден воздух од север, на планините врнежите ќе бидат од снег, при што ќе се формира нова снежна покривка.

Ветерот ќе го промени правецот во северозападен и во четврток и петок ќе дува со засилен интензитет. Дневната температура ќе опадне и ќе се движи од 9 до 17 степени.

Повторно стабилизирање на времето се очекува од петок. Поради разведрувањето, во деновите од викендот утринските температури на места ќе се спуштат под нула, додека дневните ќе бидат во пораст, особено во недела.