Виенски адвокат призна кражба со романска мафија на злато вредно 700.000 евра

Поранешен виенски адвокат ја признал вината за кражба на златни прачки во вредност од 700.000 евра од повозрасна сограѓанка во што му помогнале романски криминалци, но кои на крајот го оставиле со куси ракави и на цедило.

Обвинението го товари 42-годишниот адвокат кој се спријателил со 78-годишна жителка на Виена, а ги поврзала заедничката љубов кон операта, па редовоно оделе на оперски претстави во австриската престолнина, но и во странство.

Кога госпоѓата му се доверила на пријателот адвокат дека во својот дом чува злато, во него очигледно се разгорела алчноста. Според обвиението, адвокатот како соработници ангажирал романски криминалци кои ги познавал од својата пракса. За пријателката приредил свечена вечера во својот дом давајќи им на крадците време да провалат во нејзиниот стан и да го пронајдат златото.

Меѓутоа, криминалците си остануваат криминалци, па романските мафијаши побегнале со златото и полицијата не успеала да ги пронајде. Името на обвинениот сега е избришано од регистарот на адвокатската комора, а на судот се брани со тврдењата дека криминалците му се заканувале, па морал да учествува во кражбата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.