Викенд забави на градските плоштади

Градот Скопје викендов нуди одлична забава за своите жители и посетители.

Петок со почеток во 20 часот се предвидени два настани:

На Плоштад Мајка Тереза (МОБ) е предвидена староградска музика, а ќе настапат Трио Гранде кое го сочинуваат тројцата уметници од ФМУ, Благоја Василевски (хорна), Никола Мицевски (кларинет) и Андреј Петрески (обоа). Изведбата на трите инструменти дава убава слеана староградска музика. Дел од нивниот репортоар: „Слушам кај шумат шумите“, „По друм одам мајче“, „Кирјана“, „Се посврши сербез Донка“ и многу други.

Акустик Дивижн

Плоштадот ВМРО е резервиран за рок забава. Вечерта ќе настапат Акустик Дивижн. Поп-рок бенд кој дебитира на македонската сцена со песната „Без тебе“. Бендот го сочинуваат, Бојан Галевски (гитара), Коста Бинов (вокал) и Марио Кузев (ударни инструменти). Акустик Дивижн се редовно присутни на забавите низ ноќните клубови во Скопје, но и редовно настапуваат како придружен бенд на поп-пејачот Влатко Илиевски. Периодов се присутни на Пиволенд, како и поп-вечерта на предстојниот Охрид-фест.

Во сабота  програмата е нешто поразлична. На Плоштад Богородица ќе се представи Културно Уметничкото друштво Григор Прличев од Скопје, најпознатиот и единствен фолклорен ансамбл на територијата на Општина Ѓорче Петров кој традиционално ги негува народната изворна традиција, фолклор и етнологија на населението во државата. Денес брои 400 членови кои на професионален и успешен начин ги презентираат народното оро и песна смело и гордо пред широкиот аудиториум. Формирани се 1945г. и се еден од најстарите ансамбли на Р.Македонија кој успешно ја презентира државата на сите културни и фолклорни манифестации во Републиката и надвор.

Швалери

На Плоштадот ВМРО е предвидена уште една рок свирка на која ќе настапат Швалери, бенд кој постои и настапува веќе шест години, и е добро познат на публиката со своите редовни настапи низ скопските куфулиња и дискотеки. Членовите на бендот имаат настапувано на неколку скопски фестивали (Мак Фест, Демо Фест, Скопски Фестивал и други). Бендот го сочинуваат: Драги Филиповски (вокал), Димитар Стефановски (соло гитара), Даниел Шилев (ритам гитара), Јордан Георгиевски (бас гитара) и Кристијан Лафазановски (тапани).

Проектот Скопски Летен ритам започна во текот на летото и продочжува во месец Септември. Проектот е поддржан од Град Скопје, а е во реализација на ЈУ Конгресен центар „Александар Македонски“ – Скопје.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.