Викендов 16 сообраќајки на подрачјето на Скопје

Изминатиот викенд на подрачјето на Град Скопје се случиле 16 сообраќајни незгоди во кои потешко се повредени еден возач и сопатник, со полесни повреди се здобиле 13 лица, а во девет сообраќајки е регистрирана материјална штета.

Во текот на изминатите три дена од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се и поголем број прекршоци. Десетмина возачи кои ги управувале своите возила под дејство на алкохол се исклучени од собраќај, четворица возачи не ги почитувале ограничувањата на брзината на движење, шест возачи не отстапиле првенствено минување на пешаците на обележан пешачки премин. Шест возачи не ги почитувале сообраќајните знаци на крстосниците, а со специјалното возило отстранети се 12 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Поради очекување зголемено присуство на граѓани пред верските објекти по повод чествувањето на верските празници Бадник и Божик од МВР најавуваат дека ќе бидат преземени мерки за сообраќајно обезбедување со цел непречено одвивање на овие манифестации.

Исто така, на 6 и 7 јануари ќе има засилено присуство на полициски службеници пред соборните храмови бидејќи се очекува зголемен интензитет на моторниот и на пешачкиот сообраќај.