Викендов акција за чистење во Ѓорче Петров

Општината Ѓорче Петров и Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ во сабота и недела за граѓаните за општина Ѓорче Петров ќе овозможат 5 контејнери од по 5.000 литри за одлагање на непотребни работи од домовите.

Контејнерите ќе бидат поставени на улица „Македонска војска“ во близина на спортската сала, пред влезот на гимназијата „Кочо Рацин“, а два во населбата Даме Груев на улиците „Арсо Мицков“ и „Николај Островски“.

Петтиот контејнер ќе биде поставен во населбата Дексион, во близина на „Баумаркет“.

Ова се петте најкритични места во урбаниот дел од општината, каде што години наназад се прават диви депонии.

Општинарите редовно го расчистуваат сметот, но набрзо „осамнува“ нова депонија.

Од општината и од Јавното претпријатие апелираат до граѓаните да ја искористат оваа можност со тоа што самите граѓани непречено ќе го одложат непотребното од подрумите и дворовите, а општинските комуналци ќе бидат пренасочени во подигање на други диви депонии кои, за жал, и покрај нивното редовно расчистување, повторно никнуваат на неколку локации во општината.

-До сега граѓанската совест кај некои наши сограѓани не проработела, но се надеваме дека ваквите акции ќе ги натераат на рационално размислување со што ќе ја зачуваме околината. Секаде во светот ваквите сторители се казнуваат со високи казни. Кај нас казните се симболични, но треба ли да се казнуваме за да не правиме диви депонии таму каде што утре може да играат нашите деца и внуци? Вреди ли здравјето на нашите најблиски да го ставаме на ризик затоа што ние, како возрасни, не почитуваме нешто што насекаде се третира како лоша појава, а само кај нас како секојдневие, велат од општината.