Викендов во Скопје 38 сообраќајки, еден загинат

Сообраќајната полиција на 20 мај, петок, изврши увид на 12 сообраќајни незгоди. Од нив, шест незгоди се со последица материјална штета, четири се со телесна повреда, во кои со полесни повреди се здобиле пет лица. Во една сообраќајка со тешки телесни повреди се здобил велосипедист.

Се случила и една незгода со загинато лице. Незгодата се случила во 10 часот и 50 минути на локалниот пат с. Катланово – Катлановска Бања во која учествувале автобус „Јутонг“ и патничко моторно возило „застава 101“ и двете возила со скопски регистарски таблички, управувани од граѓани на Скопје. Во несреќата животот го загубил возачот на патничкото моторно возило „застава 101“.

Како што информира за МИА, Сашо Дамјаноски, главен инспектор, на 21 мај, сабота, извршен е увид на вкупно 13 сообраќајни незгоди, од кои 10 се со последица материјална штета и три се со последица телесна повреда, во кои со полесни повреди се здобиле седум лица.

Вчера, 22 мај, извршен е увид на вкупно 13 сообраќајни незгоди, од кои четири се со последица материјална штета и седум се со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле 14 лица.

Се случиле и две незгоди со последица тешка телесна повреда во кои со тешки телесни повреди се здобиле две лица, сопатници.

Во текот на изминатите три дена од страна на сообраќајната полиција, откриени се поголем број на прекршоци. Санкционирани се 77 возачи кои со возилото се движеле со брзина поголема од дозволената, осум возачи го управувале возилото под дејство на алкохол и истите се исклучени од сообраќај, четворица возачи не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин. Единаесет возачи не ги почитувале правилата за престигнување и обиколување, 11 возачи поминале на црвено светло на семафор и 15 возачи не го користеле сигурносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управување на возилото.

Затекнати се и пет возачи кои за време на управување на велосипед со мотор, мопед и мотоцикл не  носеле заштитен шлем.

Со помош на специјалното возило пајак, во текот на изминатите три дена отстранети се 85 возила кои во поголема мера го попречувале нормалното одвивање како пешачкиот, така и моторниот сообраќај.

Во саботата со почеток во 9 часот во ОУ „Војдан Чернодрински“ кое се наоѓа на подрачјето на општина Карпош, МВР во соработка со РСБСП и Министерството за образование и наука реализираа државен натпревар во рамки на сообраќајно воспитните едукативни манифестации „Детски семафор“ со ученици од основните училишта и „Сообраќајно техничка култура на младите“ со ученици од средните училишта. Активностите се состоеја од контрола и оценување на теоретскиот и практичниот дел од натпреварите.