Викиликс откри дека САД ја шпионирале и Јапонија

САД ги шпионирале јапонските политичари, функционери и компании вклучително и „Мицубиши“, се наведува во документот што денеска го објави Викиликс.

Според објавениот документ на Викиликс, Американската Национална безбедносна агенција НСА шпоионирала најмалку 35 „мети“, меѓу кои компании, владини функционери, министри и поголем број советници на актуелниот премиер Шинѕо Абе.

Четири строго доверливи извештаи на НСА се објавени на интернет-страницата на Викиликс. Извештаите откриваат интерни разговори во Јапонија за меѓународната трговија и политиката за климатските промени.

На еден од извештаите има белешка која укажува дека извештајот е доставен до Австралија, Велика Британија и Нов Зеланд.

САД ја прислушувале целата германска Влада

Специјално одделeние на американската Агенција за национална безбедност (НСА) и Централната разузнавачка агенција (ЦИА) ги прислушувало телефонските разговори на германската Влада. За тоа сведочи новиот документ, објавен од организацијата Викиликс, информира ТАСС, повикувајќи се на германскиот дневен весник „Зиддојче цајтунг“.

Именувањето на одделението  – Специјална служба за собирање – во протоколите на агенцијата фигурира од 2011 година, а во нив се даваат информации за прислушуван телефонски разговор меѓу шефот на одделот за прашањата на Европската унија во Владата, Николаус Маер-Ландрут, и еден советник на тогашниот француски претседател Никола Саркози, пренесува МИА.

Германските медиуми во средата, повикувајќи се на податоци од Викиликс, информираа дека НСА долго време го прислушувала не само телефонот на канцеларката Ангела Меркел, туку и на серија министри и други високо позиционирани функционери на германската Влада.

Американскиот амбасадор во Германија, Џон Емерсон, веднаш по оваа информација бил повикан на разговор во Владата.

Продолжен притворот на Асанж

Врховниот суд на Шведска ја отфрли жалбата од основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, да се поништи решението за негов притвор под обвинение дека извршил сексуален напад, соопшти судот.

Во соопштението на судот се наведува дека одлуката на обвинителот Асанж да се испита во Лондон влијаела на одлуката на судот за продолжување на притворот.

Кон средината на април Асанж се согласи да биде испрашан во амбасадата на Еквадор во Лондон во врска со обвинувањето за сексуален напад.

Во еквадорската амбасада во лондон Асанж престојува од јуни 2012 година за да ја избегне екстрадицијата во Шведска заради обвинението за напад на две жени во 2010 година, што тој го негира.

Шведските обвинители во март наведоа дека сакаат Асанж да го сослушаат во Лондон и се откажаа од претходното барање тоа да се направи во Шведска.

Еден од адвокатите на Асанж, Томас Олсон, тогаш за британските медиуми изјави дека тие очекуваат да бидат контактирани од обвинителите за да се разработат деталите.

 

 

Асанж стравува дека, доколку Велика Британија го предаде на Шведска, тогаш ќе дојде до екстрадиција во САД каде може да му биде судено за оддавање доверливи информации, бидејќи пред пет години објави американски воени и дипломатски документи.