Виктор Грозданов: Ако Заев го потпише договорот со Бугарија, станува национален предавник

Брзото одвивање на настаните на домашната политичка сцена предизвикуваат реакции и од граѓаните, но и од страна на партиите. Со Виктор Грозданов, претставник на партијата Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ) и поранешен извршен директор на Асоцијацијата на приватните електронски медиуми во Македонија (АПЕММ), разговараме на темата дали се остваруваат најавените реформи од страна на сегашната влада, за тоа како се бранат националните интереси, за состојбите во медиумската сфера, како и за претстојните локални избори…

Немам потреба да го читам договорот (за добрососедство со Бугарија -з.р) за да го отфрлам безусловно, но на г-дин Зоран Заев би сакал да му напоменам три работи: 1. Внимателно да ја слуша украдената песна на Војо Стојановски во интерпретација на Глорија „К’де и да одиш……. ни фалат уште 8 (осум) дела за Б’лгарија да биде цјала“. 2. Да се потсети како најдобриот министер за надворешни работи г-ѓа Илинка Митрева го глорифицираше Абдурахман Алити кога безусловно застана во одбрана на Македонците од Пирин, и ако го потпише договорот да знае дека неговите деца ќе му го постават следново прашање: Тато дали си свесен дека го продаде македонскиот народ? Со три можни одговори: ДА, НЕ и МОЖЕБИ, вели меѓу другото Грозданов.

* Вообичаено е да се чекаат стоте први дена од формирање на еден владин кабинет за да се дадат првите оцени за неговото работење. Меѓутоа, сведоци сме дека за неполни два месеци се случија низа настани кои од предизвикаа и предизвикуваат бурни реакции на јавноста, токму поради нивното значење за функционирањето, па ако сакате и за иднината на земјата и од кои веќе може да се насетат контурите на идната владина чекори. Какви би биле Вашите коментари за споменатиот период.

Да, како што и самите рековте, секоја влада има сто дена, коишто може да се наречат и „меден месец“ на владата, што архаично би можеле да се опишат и како буре со пелин и три прста мед. Меѓутоа, оваа влада наместо да го лиже медот сто дена, тие го излажаа за само три дена и покажаа дека влегуваат тотално неподготвени и без никакво концепт за да ја водат државата. Тоа можеше лесно да се увиди уште од интервјуто на претседателот на Владата, г-дин Зоран Заев, коешто го имаше за МРТ кога за сите оние ветувања за коишто во предизборието се кажуваше дека експресно ќе бидат носени, цела лепеза од популистичките ветувања, кажа дека ќе ги носи во текот на мандатот. Од тоа веднаш може да се заклучи дека имаат направено изборна измама, што не е првпат кога станува збор за Социјалдемократскиот сојуз, за разлика од коалицијата За подобра Македонија во којашто учествува и ГРОМ која кажуваше дека со одредена стапка во текот на годините од мандатот ќе се зголемува и висината на минималната плата и на просечната плата во државата.

Капак на се’, кога зборуваме за работата на новата Влада, е односот кон нашите соседи коишто неоспорно не’ негираат, првенствено како народ, второ како држава, и следствено ни ги негираат и јазикот и црквата. Кажуваа дека со интензивни преговори ќе влеземе под привремената референца БЈРМ којашто всушност стана постојана референца, во НАТО и во Европската унија, на што добија многу јасен одговор дека не постои никаква можност за такво нешто, за на крајот да заминат во Софија за да договорат дека ќе склучат договор за добрососедство со Република Бугарија, кој го криеја од јавноста до последниот момент, елиминирајќи ја со тоа можноста за вистинска дискусија на стручната јавноста, претставувајќи ни дека станува збор за помирување како што се помириле Французите и Германците. Притоа морам да посочам дека сите историчари коишто излегуваа во овој контекст дека треба да се засрамат, без разлика дали го напаѓаа или го одобруваа начинот на договарање со Софија, бидејќи Франција и Германија немале проблем со негирање на нациите, туку Германците двапати ја нападнале Франција преку Белгија и по Втората светска војна се договориле дека ќе се помират, по 40 години непријателство, без спорење за нацијата, јазикот, историјата… Бугарите нас не’ негираат целосно: од непостоење на македонскиот јазик и на етничката посебност.

Зоран Заев мора да се врати на корените на Социјалдемократскиот сојуз, при што би го посочил еден од неговите ментори. Ѓорѓи Спасов кој во далечната 1993/1994 година го убедувал Ристо Иванов како тогашен потпретседател на владата, дека треба да се потпише договорот за добрососедство со Бугарија, сличен на сегашниот, што во добрососедска, што во енергетска смисла кој што Киро Глигоров, основоположникот на СДСМ веднаш го отфрлил, а деновиве гледаме дека и Бранко Црвенковски, кој е од школата на Глигоров, реално можеме да кажеме дека дава државничка изјава во којашто во 2010 година го отфрла договорот, укажувајќи дека проблемот не е во Македонија, туку во Бугарија и притоа порачува дека Софија треба да го признае македонскиот народ и македонскиот јазик.

Сите историчари кои сега го одобруваат договорот во оваа форма и содржина, и целата Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ), да се потсетат дека постоел некој Блаже Конески кој го кодифицирал македонскиот јазик пред седум децении, кој се разликува во пет букви од бугарскиот.

* Во истиот контекст на односите со соседите како услови за евроинтегративните процеси, не може да се одмине фактот што постојат истовремени моменти, кога Атина не признава, исто така, нација и историја, Белград не ја признава црквата и отворено зборува дека можеби згрешила што нѐ признала под уставното име, а од Тирана, па и од Приштина за некакви албански територии во Македонија (Илирида), а од Владата имаме пренебрегнување и одмолчување на ваквите изјава...

Ќе повторам дека актуелната влада неосновано романтичарски влезе со умислата дека за скоро време ќе може да ги реши сите проблеми со соседите. Тука само би го цитирал почитуваниот поранешен премиер на Република Бугарија, Иван Костов, кој рече дека Македонија прво треба да ги реши внатрешните меѓуетнички односи, потоа проблемот со Република Грција, а потоа со Бугарија да потпишува договор за добрососедски односи. Очигледно е дека Зоран Заев со својот класичен дилетантизам во водењето на надворешната политика влета во авантура при што Србите, Грците и Албанците од Албанија, и Албанците од Косово само тријат раце, и нормално оти сега само ќе му испорачуваат нивни математики.

* Вие истапувате од позициите на политичката партија ГРОМ, којашто е дел од коалицијата За подобра Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која поради добро познатите причини не успеа овојпат да ја формира владата. Но, постојат индиции дека од новата влсат, ви пристигнуваат понуди за приклучување на парламентарното мнозинство , колку има вистина во ваквите шпекулации?

Дали има ишарети или нема, ќе го повторам ставот на Централниот обор на ГРОМ, а тоа е дека не може да коалицираме со партија која во континуитет се заканува дека ќе го апсела претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски, а притоа за него нема ниту една прекршочна пријава, а не пак кривична, и што е најтрагичното упатува закани по неговите деца и семејството. Тоа би бил, така да кажам, првиот принципиелен став, додека вториот принципиелен став би се состоел во пораката дека ние сме во коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ во рамките на коалицијата За подобра Македонија, ние сме победници на овие избори и ние немаме намера да коалицираме со партија на која странски посредници и’ кажуваат како да ја уредува и да ја води државата.

Можам отворено да кажам дека за одредени прашања ќе бидеме неконструктивно конструктивна партија, што би значело дека за се’ она што е од интерес на граѓаните можеби би го дале својот глас во полза на подобрувањето на животниот стандард, како на пример во субвенции во земјоделството, некои реформи во здравството кои засега само се најавуваат во медиумите. Меѓутоа, за жал, од актуелната власт засега не гледаме дека постои некаква позитивна иницијатива, за којашто би ги поддржале.

И, третиот принципиелен став би бил дека не гледаме причина зошто би го прелажале Никола Груевски, кој како лидер на една моќна партија ни ја дал целосната доверба и за сето она што го кажал, за ништо не не’ измамил или не го остварил.

Но, притоа морам да нагласам дека ГРОМ е засебен политички субјект. Бевме и сме против Пржинскиот договор, против воспоставувањето на Специјалното јавно обвинителство, ги молевме Никола Груевски и Али Ахмети машки да излезат на закажаните априлски избори минатата година. И имаме сопствен став дека јавниот обвинител Марко Зврлевски поради својата нерешителност овозможи сега да го линчуваат, а ако беше решителен и во врска со настаните во парламентот од 27 април годинава, кога исто така го осудивме тепањето на пратеници зашто е недозволиво и неприфатливо да се тепаат народни избраници. Меѓутоа, Зврлевски требаше да поведе кривични постапки, да не кажам уапси, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, од СДСМ, од ДУИ, од Алијансата на Албанците и од БЕСА. А, во врска со споменатите настани лично ќе кажам, дека не може да биде виновен оној што тепал, а да не биде виновен оној којшто со прекршување на законите предизвикувал револт и реакција. И многу ми е непријатно Талат Џафери во одредени медиуми да биде претставуван како парекселанс политичар, а Јохан Тарчуловски кој крварел за Македонија и за тоа одлежа затвор да биде претставуван како криминалец. Тоа е непростиво за македонската нација. Оваа држава ја создале Македонците, а покрај нив се и Албанците, и Србите и Турците и сите останати.

* Деновиве бевме сведоци на одредени, на јасно целени критики во врска со присуството на вашиот партиски челник на средба со претставници на владејачката партија во Руската Федерација, особено кога се има предвид дека Балканот станува новата жешка линија за амбициите за влијание во регионот меѓу Западот и Истокот.

Нашиот претседател беше на средба со претставници на партијата Единствена Русија којашто е водечка политичка сила во Руската Федерација, а Руската Федерација е една од водечките политички, економска и воени сили во светот. Ниту сме „проруси“, ниту имаме намера да станеме „проруси“, но не можеме да заборавиме дека Руската Федерација е тоа што е на глобалната политичка сцена. Истовремено, да кажам, дека кога станува збор за Соединетите држави, ете, како антипод на Русија, ниту со која и да е изјава сме ги навредиле, ниту, пак, имаме каков и да е негативистички став кон нив, но не можеме да замижуваме на дејствувања на некои одредени личности.

* Тогаш од каде спротивниот впечаток во јавноста, односно медиумите, дека сте антизападно ориентирани?

Не значи априори дека ако имате контакт со владејачката руска партија, сте антизападно профилирани. Таквите конструкции може да бидат производ само на целосно исплашени и тотално политички неписмени групации. Зошто би било штетно да се разговара со земји кои се толку бројни со население, што самото посебе претставува голем пазар и најразлични можности за економска соработка.

* Но не ли е, имајќи го предвид моменталниот глобален политички дискурс дека секое контактирање со Москва се сфаќа како антизападна позиција, оваа посета на Москва помалку невнимателен политички чекор?

Не, таквото размислување тука, политички многу некоректно го наметна Брајан Хојт Ли кој рече дека ќе го урне секое руско влијание во која и да е балканска земја. Да запрашам, пак, а кое е руското влијание во Македонија: петанаесетина бензински пумпи на Лукоил, еден рудник и една изјави на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и посетата на Стевчо Јакимовски и Иван Стоиљковиќ на Единствена Русија!? Ако тоа е навистина така, тогаш оној кој што тоа го тврди ги „измешал картите“.

Деновиве јавно истапи Ванчо Шехтански да бара да се преиспита коалицијата со ГРОМ и ДПСМ со што дефинитивно ги подгреа иницијативите да се врати во нашето правосудство да се утврдува институционално згрижување со два сведока.

* Кога веќе се допревме до медиумите, вашиот ангажман долги години е во оваа сфера, како ја оценувате моменталната состојба во медиумите?

Три години слушавме дека медиумите се заробени, дека сме имале фашистички режим итн., за да во овој момент во самата Влада се создава тело коешто и многумина коишто биле на страната на СДСМ го нарекуваат „министерство за пропаганда“. Јас немам намера да го критикувам г-дин Роберт Поповски, меѓутоа имам одредени конкретни ставови и прашања во таа насока. Како мислат, на пример, да ги негираат ставовите на Мери Јордановска, на којашто, очигледно е, не и’ се допаѓа тоа што во моментов се случува, односно со создавањето на таквото тело. Како мисли вицепремиерот Кочо Анѓушев да и’ објасни на Мери Јордановска дека за фирмите од Белизе не може да се покажат газдите, затоа што јавно кажа дека тука станува збор за етичко и морално прашање. Како ќе објаснат дека треба да ги декласифицираат сите договори од државна тајна и строго доверливо во министерството за одбрана од времето на министерувањето на Лазе Еленовски, во коишто кога ќе се почнат да се појавуваат имињата на фирмите и каде биле регистрирани ќе почнат да ја учат географијата на многу прекуокеански држави.

Како ќе објаснат што Томислав Кежаровски не е вработен во Владата, а на нејзин платен список се лица кои реално не се многу многу познати на јавноста како медиумски личности, а градеа кариери и политики на ликот и делото на Томче Кежаровски и на неговата фамилија, вклучително и неговата сопруга Марина. Зашто ниту еден од нив двајцата не е вработен во Владата?!

Натаму како ќе објаснат дека зборуваат за генерален реизбор на судиите, а не зборуваат за евентуална амнестија во случајот на А1 телевизија?! Сето тоа е една голема лага. Сето тоа е мотивирано само од желбата да се дограбат до власта.

* Но, конкретно кои би биле Вашите забелешки…, зашто најавена е реформа во медиумската сфера?

Јас би му оставил на г-дин Поповски период од шест месеци, бидејќи реално тој ни е политичка цел, не би оделе со лични квалификации како што милуваат одредени новинари, но нему и на Зоран Стефановски којшто е вработен во тимот на Владата за реформи во медиумите, да покажат за каков тип реформи станува збор, дали станува збор само за смена на директорите или во прашање се вистински реформи.

Да сакаа да ги читаат извештаите, трите медиумски извештаи пред околу дваесетина дена, во еден од нив постои една клучна работа којашто е изоставена од едно од регулаторните тела на којашто можете да создадете слика какво бизнис ќе водите во медиумскиот свет и каков бизнис ќе водите во телекомуникацискиот свет. Се консултирав со еден поискусен новинар, кој инаку доста не’ критикуваше како ГРОМ за нашата посета на Москва од кој ми беше одговорено следново: не сакаат да читаат, не дека не знаат да читаат – не сакаат да читаат извештаи зашто мислат дека од нив започнува се’.

Натаму, како ќе го објаснат разделувањето или бркањето на Јасминка Аневска којашто сакаат да ја истопорат како портпарол на Владата, за Јована Аврамовска, за Бубо Каров? Тоа значи дека создаваат сопствена екипа, свои луѓе и оти за сето она за што беа против тие сега само ќе го продолжат и ќе го надградат, во пежоративна смисла речено. Патем лично за мене и за сите што разбираат елементарно медиуми, ангажманот на горенаведените е директна корупција во медиумите. Една клучна работа немаат кажано за медиумите досега. Што е тука новитетот?

* А како според Вас би требало да се одвива таа реформа, имате ли конкретни предлози, идеи?

Една прецизна анализа за тоа што може да се случи во медиумите, укажува дека 11 закони траба да ги опфаќаат медиумите и таму треба да се интервенира многу сериозно. Од законот за ДДВ, за персонален данок, за авторски права, закон за облигациони односи, за работни односи, закон за заштита на конкуренција …. Но, евидентно е дека сите молчат. И што е најинтересно од се’, се поставува прашањето зошто УСАИД молчи на ваквата злоупотреба на нивните пари. И оттука произлегува едно од Вашите претходни прашања, дека ако поставите некое вакво прашање, кое се однесува и на американските интереси, како во овој случај, веднаш ќе бидете прогласени за „проруси“. А, тоа е она креирање на лажна слика и ситуација во државата од страна на одредени медиуми.

* Според конечната потврда на парламентарниот спикер Талат Џафери, локалните избори ќе се одржат кон средината на октомври. Како ГРОМ се подготвува за нив?

Подготвени сме за локалните избори, Централниот одбор си ја работи својата работа. Продолжуваме во коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, барем засега јас немам поинакви информации. ГРОМ има своја структура и има свои изборни адути за Куманово, Кисела Вода, Кавадарци, Ѓоче Петров, Струмица, Злетово, Кривопаланечко итн, но сепак акцент се става од страна на јавноста за општина Карпош. Кога сме кај Карпош само ќе кажам дека ние имаме градоначалник кој не затвора дуќани, за разлика од градоначалникот на општина Центар каде има неколку стотина затворени објекти, сите фотографирани од наша страна. Ние имаме направени над 50 фасади, градоначалникот на Центар има помалку од 15, сите фотографирани. Напомена Општина центар е најбогатата општина во Република Македонија и бастионот на СДСМ за Скопје.

Нашиот став е следен: нашиот градоначалник во исто време, во ист миг асфалтира улици, гради фекални и атмосферски канализации, фасадира над педесет десеткатници, менува лифтови менува азбесни покриви и се’ што е во интерес на граѓаните во општината којашто ја раководи. Кога станува збор за нивниот противкандидат, засега е само во најава, го замолуваме да го научат барем сопствениот стан да го вароса.

Екслузивно за жителите од Тафталиџе 1 ќе им соопштиме како г-дин Велковски и г-ѓите Сашек и Лазаревска, сите членови на СДСМ и одлични урбанисти за своите џебови , како вцртувале маркички и граделе, ќе ги запознаат сите девет кругови на пеколот во урбанизмот раководен од СДСМ. Завршија деновите на џентлменското политичко молчење, сега сето ќе излезе на површинаа, а граѓаните на Тафталиџе, се плашам, ќе ги линчуваат.

Замислете противкандидатите наши ќе ја зголемеле зелената површина до 2020-та на 10 отсто од вкупната површина. Па, овие ветувања се на ниво на интелектуални лајпрди, пицопевци и шапшали заедно. Тоа е вака: Јас да се фалам дека имам бујна глобтротер фризура, едно зелено и сино око, пејам како Дејвид Боуви, аполонски сум граден и имам „колгејт“ насмевка. Но, вистината е поинаква.

На нашите политички противници ќе им порачаме дека имаме ВЕРБА во она што го правиме, имаме СМЕЛОСТ да ветиме и ЕНТУЗИЈАЗАМ тоа и да го оствариме. Затоа и ПОБЕДУВАМЕ на изборите.