Викторија Нуланд во посета на Македонија

Американскиот помошник државен секретар за eвропски и eвроазиски работи Викторија Нуланд денеска ќе престојува во Скопје.

Нуланд ќе биде примена од претседателот на државата Ѓорге Иванов, а ќе има средби и со премиерот Никола Груевски, како и со министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Според најавите, ќе се сретне и со високи владини претставници и политички лидери за евроатлантскиот пат на Македонија, како и за други прашања од заеднички интерес.

Посетата е во рамките на нејзината турнеја на земјите од регионот и Европа, а која почна во петокот со Форумот во Дубровник за Западен Балкан и трансатлантските односи. Нуланд во наредните денови ќе престојува во Подгорица, Тирана, Приштина, Белград, Лондон и Брисел.

Како што соопшти и МНР, за време на средбата на министерот Попоски со Нуланд се очекува да се разговара за билатералните односи меѓу двете пријателски држави, засновани на доверба, стратешко партнерство, како и регионална и глобална соработка, во рамките на меѓународните мировни мисии.

„Ќе се потврди заложбата на Владата и институциите на Република Македонија во спроведувањето на реформите во контекст на завршување на процесот на потполно интегрирање на државата во евроатлантските организации. Министерот Попоски ќе ја пренесе и јасната посветеност на Република Македонија на процесот на разговори со нашиот јужен сосед, со цел деблокада на интеграцијата на земјата во НАТО и Европската Унија“, се вели во соопштението од МНР.

Нулад во американската амбасада во Скопје ќе има средба и со лидерот на ДУИ Али Ахмети, соопшти партијата.