Викторија Нуланд во посета на Србија

Американскиот заменик државен секретар за Европа и Евроазија, Викторија Нуланд денеска ќе допатува во посета на Србија, а главна тема на нејзините разговори со српските лидери ќе биде дијалогот меѓу Белград и Приштина и процесот на имплементација на Бриселскиот договор, соопшти Стејт департментот.

Таа во Белград ќе се сретне со српскиот претседател Томислав Николиќ, како и со министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Нуланд денеска ќе ја посети и Приштина, каде ќе оствари средби со високи владини функционери и политички лидери.
Американската заменичка на државниот секретар утре ќе го посети Скопје, каде ќе разговара за евроатланските интеграции на земјата и за други прашања.

Таа потоа ќе замине за Лондон, каде тема на нејзините разговори ќе бидат глобални прашања, подготовката за самитот на НАТО и ситуацијата во Украина. На крајот, на 17 јули, Нуланд во Брисел ќе има состанок со високи претставници на ЕУ, во рамки на редовните консултации со Унијата. Викторија Нуланд претходно ги посети Хрватска, Црна Гора и Албанија.