Вилијам Вокер повторно на Косово, работи на „нов албански проект“

Американскиот дипломат Вилијам Вокер обелодени дека има план на кој подолго работел и кој треба да ги обедини сите Албанци, во Косово, Албанија и во дијаспората, и, според него, со ова дефинитивно треба да се стави крај на албанското прашање во регионот.

Вокер зборувајќи на свеченоста по повод 17 години од основањето на опозиската Алијанса за иднината на Косово на Рамуш Харадинај, рече дека од 1999 година често доаѓа тука „со една цел, Косово да продолжи со чекорите коишто сите ги очекуваат од 1999 година“.

Овојпат, додаде Вокер, дошол на Косово бидејќи сака да го претстави „новиот проект над кој работи“, пренесуваат пришинските медиум.

 

„Целта на овој проект на кој работам е за сите Албанци, во Косово, дијаспората, во Албанија. Работам на заеднички проект на нивно обединување. Албанците во светот беа обединети во деведесеттите исклучиво поради ослободувањето на Косово. Бев со нив кога прогласуваа независност. Албанците добија и дојдоа заедно да славиме, сега е времето по независноста, за последниот чекор, сите да бидеме заедни, да се оствари ова достигнување“, рече Вокер.

 

Станува збор за еден од најконтроверзните дипломати и голем поддржувач на Албанците. Одигра решавачка улога за бомбардирањето на Србија во 1999 година од страна на НАТО.

На Вокер во јануари годинава му беше подигнат споменик во косовското село Рачак каде што присуствуваше заедно со актуелниот косовски претседателХашим Тачи и со поранешниот Беџет Пацоли, како знак на благодарност од „албанскиот народ за она што го сторил“.

Вокер, имено, одигра клучна улога во врска со наводното разјаснување на случајот и наоѓањето на 45 тела на убиените Албанци во непосредна близина на Рачак.

Вокер тогаш како шеф на верификационата мисија на ОБСЕ, по спроведената истрага, соопшти дека се работи за масакр врз недолжни цивили за што веднаш беа обвинети српските безбедносни сили. Набргу потоа се случи и воената интервенција на НАТО против Србија, по што таа беше принудена да се повлече од дотогашната своја јужна покраина Косово и Метохија, со што се создаде патот за едностраното прогалсување на независност на Приштина во 2008 година со поддршка од САД и главните земји членки на ЕУ.

Србија не успеа во своите тврдења и сознанијата од истрагата дека не станува збор за убиени цивили, туку за загинати припадници на УЧК, кои се убиени во борби а потоа преоблечени во цивилна облека за да се исценира наводен масакр.