Вилијамсон: Не реков дека „нема докази за трговија со органи“, спремен сум да поднесам обвинение

Главниот обвинител на Специјалната единица за истрага на трговијата со органи и воени злосторства на ОВК, Клинт Вилијамсон, во ексклузивно интервју за весникот „Коха диторе“ вели дека ако беше основан Специјалниот суд, тој веќе ќе поднесел обвинение.

Вилијамсон објаснил дека во Брисел не рекол „нема докази за трговијата со органи“ , туку дека „има убедливи индикации дека тоа се случило“. Тој прифаќа дека неговите заклучоци главно се идентични со оние кои ги изнесе Дик Марти во неговиот извештај, а пред него и главната тужителка на хашкиот трибунал Карла дел Понте.

Во интервјуто Вилијамсон вели дека го знае името на оние кои ќе бидат обвинети.

– Ние знаеме кои се тие лица за кои мислиме дека се одговорни за злосторствата и истрагата ќе се продолжи и ќе биде фокусирана на нив. Во зависност како ќе се одвива истрагата во следните месци, можно е и други поединци да бидат опфатени со листата – рекол Вилијамсон повторувајќи дека нема да биде обвинета ОВК, туку поединци.

Неразјаснето останало по неговото претставување во Брисел дали има или нема трговија со органи. Тој вели дека видел наслови во медиуми „Вилијамсон вели дека нема трговија со органи“.

– Јас не го реков тоа. Тоа што го реков е дека има убедливи идикации дека тоа се случило. Ние веруваме дека се случила таква работа, но во ограничен степен. Значи постои голема разлика меѓу тоа кога ќе се каже „нема докази“ и реченицата „нема доволно докази во овој момент  да се подигне обвинение за тоа. Сметам дека тоа е многу значајно да се разјасни – рекол Вилијамсон.