Вилсон Кипсанг, заедно со дечињата од мини маратонот, го започнаа најголемото маратонско случување во Скопје

Преку 600 дечиња се натпреваруваа во Colgate мини маратонот кој започна од плоштадот пред црквата Св. Димитрија со патеката во правец кон плоштад преку камени мост, а се финишира на плоштад Македонија.

„Вклучувајќи ги и најмладите во овогодинешниот маратон на еден ден пред главната трка, со детскиот Colgate мини маратон им овозможивме учество на преку 600 дечиња од основните училишта во најмасовниот настан во нашиот главен град.“ изјави Кире Синадиновски, Директор на Виз Ер Скопски Маратон.

Но, оваа година детската трка имаше и хуманитарен карактер затоа што беа вклучени и деца со даунов синдром, од здружението Триасомија 21 предводени од клубот Ескрим, кои добија донација на спортска опрема од Colgate.

Оваа година промотор на Виз Ер Скопски Маратон 2014 е спортската звезда од светски калибар, тоа е рекордерот во маратон, Кениецот Вилсон Кипсанг (Wilson Kipsang) кој денес им ги подели медаљите на победниците во женска и машка конкуренција на детскиот Colgate мини маратон. Тој пристигна вчера во Скопје и ќе биде присутен на утрешниот главен настан.

„Бев пријатно изненаден кога ја добив поканата за присуство на Виз Ер Скопскиот Маратон и веднаш одговорив позитивно. Денес поразговарав и со градоначалникот на град Скопје, кој ме информираше дека ова е најмасовниот спортски настан во Македонија. Навистина е убаво кога ќе се види во еден град да има толку голем интерес за маратонска трка и затоа ги охрабрувам сите, без разлика дали се аматери или професионалци, да не се двоумат и да учествуваат во вакви настани, зошто ова е нешто што ќе им остане во сеќавање.“ изјави Кипсанг, кој е воодушевен и од изгледот на нашиот главен град.

Победници на детската трка во машка категорија се: Јане Насевски трето место, Филип Ѓоргиевски второ место и Шаиб Шаќир прво место, а додека пак во женска: Симона Димитриевска трето место, Ивона Русевска второ место и Анеса Хајдари прво место.

Детската трка е само загревање за главниот настан кој се случува утре со почеток во 9 часот, кога повеќе од 6000 учесници ќе ги заземат своите стартни позиции.