„Вина од Македонија“ со конкретна стртатегија и визија до 2020 година

До 2020 година најмалку 50 отсто од вкупната количина извезено вино да биде во шише, а вредноста да забележи пораст од најмалку 45 проценти. Ова е целта на здружението „Вина од Македонија“ кое денеска одбележува пет години работење.

-Мисијата заради кога што го формиравме ова Здружение- промоција на македонското вино и зацврстување на имиџот на Македонија како винска земја, како и поврзување на винарниците во остварување на заедничките интереси- е исполнета. Една од главните цели која ни е зацртана за следниот период е натамошно зголемување на извозот и поголема едукација на кадарот во винската индустрија“, изјави Светозар Јаневски, претседател на “Вина од Македонија“.

Во изминатите пет години откога постои ова здружение уделот на извоз на вино во шишиња од 12% во 2009. година порасна на 22% во 2014 година. За првпат минатата година целосно беше исполнета и квотата за извоз на вино во шишиња во Европската Унија од 91.000 хектолитри. Од Здружението се надеваат дека истото ќе се повтори годинава.

Ѓорѓи Петрушев, извршен директор на Здружението истакна дека европските пазари (Англија, Германија, Бенелукс, Данска и Русија), САД, Канада и Кина и Јапонија се пазарите каде во иднина поинтензивно ќе се пробива македонското вино.

“Вина од Македонија“ за своите активности кои вклучуваат учество на реномирани меѓународни саеми, промотивни настани и Б2Б средби, семинари и мастер класови, медиумско промовирање на Македонија во странски специјализирани медиуми за вино добива поддршка од холандската Агенција за промоција на извозот од земјите во развој (ЦБИ), од УСАИД, Агенцијата за странски инвестиции и од лани и од Министерството за земјоделство, како и од македонските амбасади во земјите каде што се промовира македонското вино.

Предвидува обезбедување поддршка за секторот, вклучувајќи развој на лозарството и винарството, за извозот преку заеднички маркетинг и промоција, градење на брендот и имиџот на македонските вина на регионалните и меѓународните пазари.

– Македонија последниве десет години направи голем исчекор, произведува вина од светска класа, но сега е потребно тоа да се продаде за што е неопходен добар маркетинг, заедничко, здружено настапување и учество на најголемите саеми, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков кој присуствуваше на свечената седница со која беше одбележан јубилејот.

Според Цветков, државата годинава одвои 500.000 евра поддршка за заеднички настап на винариите на пазарите во Германија, Русија, Кина, САД…

– За да бидеме што поконкурентни со поголемо и поквалитетно производство, мора да се здружиме, порача министерот.

 

Во рамки на јубилејот, поделени беа и сертификатите за завршен втор степен на познавање вино според стандардите на Wine and spirits education trust од Лондон на првата генерација слушатели на едукативните програми во организација на „Вина од Македонија“.