Македонија

„Виножито“ бара објаснување од Советот на Европа, за извештајот според кој нема Македонци во Грција

„Виножито“ бара објаснување од Советот на Европа, за извештајот според кој нема Македонци во Грција

Партијата на Македонците во Грција „Виножито“ побарала официјално објаснување од Советот на Европа за извештајот за Грција на Европската комисија против расизмот и нетолеранција (ЕКРИ). За „Виножито“ ова е навредлив документ затоа што според експертите на ЕКРИ не постои македонско национално малцинство во Грција.

Ова е сериозен пропуст за кој од Советот на Европа побаравме официјално објаснување. Нема изговор за ваквиот чекор, ако се знае дека пред само пет години, истата комисија во својот извештај пишувала за кршење на човековите права на ова етничка група. Може да претпоставиме и тоа дека и невладините организации во Грција при средбите со членовите на оваа комисија воопшто не ги спомнале проблемите на на македонското малцинство во Грција“, вели Павле Воскопулос, член на претседателството на „Виножито“, пишува МКД.МК.

За разлика од претходните четири извештаи на ЕКРИ за Грција, во најновиот, никаде не се споменува македонското малцинство, кое грчката држава официјално не го признава. Грција го признава само религиско, муслиманско малцинство во Тракија, според обврските на договорот од Лозана.

Ова изоставување на македонското малцинство, според објаснувањата во Стразбур, се должи на новата методологија во работата на комисијата, која предвидува таа да се посвети на неколку теми.

Во случајов, ЕКРИ се занимава со правото на муслиманското малцинство во Тракија, ситуацијата со Ромите и имигрантите и барателите на азил. Иако притоа се вели дека другите проблеми не се заборавени.