Македонија

“Виножито”: Македонски зборуваат илјадници од Лерин до Солун

“Виножито”: Македонски зборуваат илјадници од Лерин до Солун

Ако демократијата и човековите права одат заедно, тогаш колкав демократски капацитет може да има земјата во која што не се почитуваат ни основните малцински права ?

И овој 10 ти декември, Денот на човековите права, за македонското малцинство во Грција е асоцијација за неправда. Нивните малцински права со децении грубо се газат од страна на грчките власти.

Непочитување на правото на само-определување, на правото на здружување и непризнавањето на мајчиниот јазик претставуваат само дел од тортурата низ која што минуваат Македонците во најстарата земја членка на Еврпската Унија од регионот, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

“Мајчиниот јазик на илјадници луѓе не е признат. Македонски се зборува во Лерин, во Костур, во Воден, во Кукуш, во Серес и во многу региони од Солун. Сепак, стандардна практика на грчката држава е дека таков јазик не постои…”, соопштуваат од партијата на Македонците во Грција “Виножито” по повод Денот на човековите права.

А токму поради непочитувањето на човековите права во Грција, од “Виножито” информираат дека се помалку Македонци го зборуват мајчиниот јазик, со што се губат културните вредности што само преку јазикот можат да се предаваат од генерација на генерација.

“На политичките бегалци, етнички Македонци, не им е дозволена слободна репатријација. Некои се запишани на црните листи, се сметаат за непосакувани и неможат да влезат во Грција…”, велат од “Виножито” со апел да се дозволи слободна репатријација и враќање на државјанствата на сите етнички Македонци, жртви од цивилната војна

Од партијата потсетуваат и дека Грција повеќе од две децении не дозволува отварање на Домот на македонската култура во севена Грција, со што грубо го крши малцинското право на здружување. Истиот проблем го има и турското малцинство во земјата, па за двата случаи беа покренати постапки пред Европскиот суд за човекови права.