„Виножито“: Во Грција се’ уште постои „црна листа“ со непожелни Македонци

Антимакедонското крешчендо на ултрадесничарската влада на Самарас и грчките (пара)државни механизми продолжија да функционираат со полна брзина и ова лето, соопшти партијата на Македонците во Грција, „Виножито“.

Како што наведуваат, последна „жртва“ на таквото дејствување е македонскиот активист за човекови права и писател Ѓорѓи Канзуров (Јоргос Kaнцурис), кому минатата недела му било забрането да влезе во Грција и да го посети родното место со изговор  дека е „закана за безбедноста и за внатрешниот ред на Грција“.„Озлогласената „црна листа“ со несакани Македонци, која наводно била укината од актуелниот министер за образование Ловердос, не само што постои, туку во последниве две години е и проширена. Ова и не е некое изненадување откако премиер стана Самарас, фанатичниот антимакедонист и човек кој одржува братски врски со фашистите од Златна зора (неодамнешниот случај Балтакос). Не нè изненадува и отсуството на каква било реакција од која било грчка политичка партија од парламентот во Атина или пак на информација по грчките медиуми. За жал, контролните механизми на Европската Унија во однос на овие прашања се многу лабави или дури и непостојни. Инаку, како би можело ваквите крајно расистички и нетолерантни постапки кои едноставно ги нема во цивилизираниот свет, да се толерираат?“ се вели во соопштението на „Виножито“.Оттаму најавуваат дека ќе ги искористат сите средства и начини за да го информираат Европскиот парламент и големите меѓународни институции, за да го „снема од планетата и последниот апартхејд, иако сите мислат дека апартхејдот умре пред три децении во Јужна Африка. Не, тој денеска непречено живее во денешна ЕУ“. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.