Виножито: Проблемот за Грција не е името, туку македонското малцинство

Повторуваме дека проблемот на Грција не е името, туку постоењето на македонското етничко малцинство во таа држава, реагира Виножито, партијата на Македонците во Грција.

„После цели 25 години разговори и консултации, во последно време забележуваме избувнување на театарот на апсурдот во врска со прашањето на името на Република Македонија.

Потсетуваме дека проблем со името на соседната земја има исклучиво нашата држава, додека повеќе од 140 земји, членки на ОН тој проблем го немаат.

По којзнае кој пат истакнуваме дека вистинскиот проблем на Грција не е во името на Република Македонија кое целосно се разликува од грчкиот дел на Македонија и демократски, преку референдум во 1991 година е избрано од граѓаните.

Проблемот е тврдоглавото негирање на нашата земја да ја прифати реалноста и постоењето на современата македонска нација. Со други зборови, постоењето на етничкото македонско малцинство кое и покрај силните обиди на грчката држава во последните 100 и повеќе години, продолжува и ќе продолжува да живее во дел од грчката територија.

Кога нашата држава ќе го надмине „Рубиконот“ ги кога ќе го признае етничкото македонско малцинство и ќе му ги даде сите права согласно европските придобивки, тогаш и само тогаш ќе успее да ја смени страницата, да погледне напред и да почне да соработува со Република Македонија и другите соседни земји врз основа на взаемна почит и искреност“, се вели во соопштението на Виножито, партијата на Македонците во Грција.