Виолинистката Ева Богоевска на средба со министерката Канческа-Милевска

Петнаесетгодишната виолинистка Ева Богоевска, која на 6 ноември беше прогласена за победник и го освои „Лауреатот од прв степен“ на реномираниот меѓународен Фестивал за музика „Сребрен камертон“, кој се одржа во Санкт Петербург, денеска беше примена од министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Настапот на Ева, која е добитник и на многу државни и меѓународни награди, во Санкт Петербург беше поддржан од Министерството за култура.

Министерката Канческа-Милевска изрази благодарност до Ева за сето она што таа во изминатиот период го направила за промоција на македонската култура и уметност, пренесува МИА.

– Ева е голем уметник, нејзиниот уметнички пат го следам уште од помладите години. Навистина ми е драго што Министерството за култура го препозна уметничкиот вредносен капацитет на Ева Богоевска, истакна Канческа-Милевска и изрази уверување дека уметничката вредност која ја поседува и од година во година ја гради Ева Богоевска, и за неа и нејзиното семејство многу ќе значи, а посебно за државата.

Посочи дека на последниот натпревар кој се одржа во Санкт Петербург, Ева ја понесе првата награда што е огромна важност за промоција на македонската уметност.

– Ева на голем број настани освои многу вредни награди. Даваме поддршка и на голем број други уметници кои се талентирани. Соработката со средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“ и со Факултетот, е многу значајна со цел она што е најдобро и највредно, да се најде во оркестрите на нашите национални ансамбли. До крајот на годинава ќе се вработат голем број уметнички кадар во институциите кои се многу значајни за културата на државата, рече Канческа-Милевска.

kanceska-vilonistka500

Додаде дека многу значаен меѓународен фестивал кој се одржува секоја година во Охрид е„Езерски бисери“ на кој учествуваат голем број музичари од целиот свет, се доделуваат вредни награди и тоа, според неа, е еден инпут и за иднината и на македонските уметници.

Богоевска истакна дека била многу среќна кога го добила лауреатот на престижниот натпревар во Санкт Петербург.

– Бев горда и за себе, а секако и за мојата земја. Среќна бев што успеав да ја оправдам довербата на сите оние кои ме поддржуваа и кои веруваа во мојот успех особено на Министерството за култура кое го поддржа настапот и ми овозможи уште еднаш да и донесам победа на Македонија. Се претставив со делата „Варијации на традиционална тема за соло виолина“ од композиторот Живоин Глишиќ и „Цигански напеви“ од Пабло Сарасате, рече Богоевска.

Посочи дека добила големи пофалби од жирито за нејзиниот настап.

– Жирито беше составено од еминентни професори, рече Богоевска и додаде дека кога се подготвува за настапи работи повеќе часови дневно.

Ана Кондратенко, виолинистка во Македонската филхармонија и професор на Ева Богоевска рече дека нивното заедничко дело вродило со успех.

– Добивме многу пофалби и поддршка за да одиме понатаму со Ева на уште поголеми светски натпревари, додаде Кондратенко.

Директорот на училиштето „Илија Николовски Луј“, Јован Бицевски укажа дека Министерството за култура несебично ги подрржува учениците и голем број од нив учествуваат на реномирани фестивали или натпревари.

Директорот на Фестивалот „Езерски бисери“, Марјан Катароски рече дека треба да се негуваат, потенцира, помагаат уметниците кои ни даваат чувство на гордост кое е ретка можност во светот да се доживее – „да стоите покрај нив и да се чувствувате гордо дека сте Македонец“.