Вирусот користен во хакерските напади од вторникот ја користи дупката во Windows

Бранот информатички напади од светски размери кој беше регистриран во вторникот ја користи дупката во програмите Windows за која Microsoft веќе објави дека ја „закрпила“, објави оваа компанија, а експертите за кибернетичка безбедност оценуваат дека вистинската цел на нападите била Украина.

Анализите на Microsoft укажуваат дека „уценувачкиот софтвер се користи со неколку методи за да се рашири, па и оние кои се обработени со безбедносното ажурирање веќе објавено за сите системи, од Windows XP до Windows 10, под името MS17-010“, изјавил за AFP портпаролот на компанијата.

Уште во мај, кога се појави вирусот WannaCry, од Microsoft ги повикаа корисниците да го употребат „кракот MS17-010 за крпење“. Пукнатината и начинот на нејзината примена претходно се објавени во хакираните документи на американската Агенција за национална безбедност (NSА).

Microsoft „и натаму истражува и ќе ги донесе неопходните мерки за да ги заштити своите корисници“, додал портпаролот, повикувајќи ги корисниците да бидат претпазливи при отворањето на непознати датотеки, имајќи предвид дека „уценувачките програми вообичаено користат електронски пораки за да се шират“.

Некои компании за компјутерска безбедност и произведувачи на антивирусни програми изразија во вторникот соменвање дека новиот вирус ја користи таа пукнатина, меѓи нив и Cisco Talos кој ја изнесе претпоставката за начинот на влегување на вирусот во компјутерските системи.

Од Cisco Talos оценуваат дека е можно „дека некои инфекции се поврзани со ажурирањето на сметководствената програма позната како MeDoc којашто се користи во Украина“.

Бранот кибернетички напади почна да се шири о вторникот, зафаќајќи го европските и американските компании, откако ги погоди Украина и Русија. Информациите од повеќе компании погодени од овој симултан напад зборуваат дека вирусот на екранот остава барање за откупнина од 300 американски долари во виртуелната валута биткоин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.