Висок економски раст за помала невработеност

Македонија се враќа на стапките на релативно висок економски раст, пишува Лидер.Кризата ја оставаме зад нас, градежништвото и индустријата земаат залет, се зголемува извозот, се намалува трговскиот дефицит. Во првиот квартал од годинава, натфрлени се и најоптимистичките прогнози. Стапката на раст на БДП изнесува 3,9 проценти. Градежништвото регистрира позитива од 13,7%, а индустриското производство бележи зголемување во неколку последователни месеци, анализира Лидер.

Бизнисмени и економисти сметаат дека и до крајот на годинава, главни креатори на економскиот раст ќе бидат капиталните инвестиции и странските директни инвестиции, а тука работите стојат добро. Извозот од зоните во првите шест месеци достигна над 550 милиони евра, двојно повеќе во однос на ланското полугодие. Активно се работи на изградба и реконструкција на автопатите, на железницата, на создавање нови зони, се вложува во енергетиката.

„Обемната програма на партијата којашто дојде на власт предвидува зголемување на капиталните инвестиции за над 20 проценти, па оттука сметам дека и во наредните пет до десет години ќе имаме активности, а со тоа активности ќе има и во сите други гранки, поврзани со градежниот сектор“ – го објаснува градежниот бум, првиот човек на градежната комора при ССК, Сеад Кочан.

„Имаме рехабилитација на индустриското производство. Веќе можеме да кажеме дека оваа гранка ќе биде една од водечките која ќе треба да ја креира планираната стапка на раст на БДП од 3,7 проценти“ – смета универзитетскиот професор, Томе Неновски.

Високиот раст на БДП од 3,9 проценти ги изненади и властите.

„Овие податоци укажуваат на едни позитивни трендови во економијата. Овие резултати се подобри и проекциите на Владата, но и од проекциите на НБРМ и на ММФ“ – рече премиерот Груевски.

Целиот текст прочитајте го тука.