Висок пораст на антисемитизмот во Велика Британија

антисемитизмот

Регистрирани се 1.309 инциденти со антисемитизам, најчесто низ испишување антиеврејски пароли и кукасти крстови по ѕидовите, но и по фасадите и автомобилите во реони и квартови населени главно со еврејско население, што претставува пораст од 36 отсто во споредба со 2015 година.

Дури три четвртини од сите вакви инциденти се регистрирани во Лондон и неговата околина и во Манчестер, две локации каде живее најголемиот дел од еврејската заедница во Британија.

Според анализата на ЦСТ, станува збор само за ентисемитски инциденти кои се пријавени на полицијата и кои се регистрирани, па се стравува дека вистинскиот раст на антисемитизмот во земјата, е многу поголем.

Оваа хуманитарна организација, која дејствува од 1984 година, објаснува дека значителен раст на антисемитизмот, ксенофобијата и расната и верската омраза, е забележан во времето пред и во текот на кампањата за референдумот за ЕУ, а особено по гласањето од 23 јуни.

Експерти веруваат дека сите овие појави се поттикнати од често изразениот говор на омраза во текот на кампањата на дел од политичарите и на оние кои агитираа за Брегзит, а особено на написите во повеќето од таблоидите кои беа исполнети со ксенофобични пораки и кои во најголемиот број се определија против мигрантите и странците.
Министерствата за внатрешни работи и за етички заедници и локална самоуправа, се огласија со остра осуда на засилениот антисемитизам во британската јавност. Шефот на Хоум Офисот, Амбер Рад изјави дека владата издвоила дополнителни 13,5 милиони фунти за засилување на безбедноста во квартовите населени со еврејска популација.

Во минатата година, опозициската Лабуристичка партија, спроведе истрага за обвинувањата за антисемитизам во партијата, што уследи по суспензијата на лабуристичкиот пратеник Наз Шах и на поранешниот лондонски градоначалник Кен Ливингстон.

Според заменик лидерот на партијата, Том Вотсон, наодите од истрагата биле „исклучително потресни„ па тој се заложи за исчистување на антисемитизмот, уште во неговиот корен, како меѓу лабуристите, така и во целата земја.