Висок претставник на партијата на Меркел бара усвојување на „Исламски закон“

Еден од највлијателните членови на владеачката партија ЦДУ на канцеларката Меркел Јенс Спан бара сојузната влада да предложи закони со кои што ќе се регулира практикувањето на исламот во Германија, јавуваат германските медиуми.

Како што пренесува дописникот на МИА од Берлин, Јенс Спан кој е член на извршниот комитет на ЦДУ меѓу другите законски промени, бара во сите џамии во Германија да има богослужби на германски јазик. Спан смета дека таканаречениот „Исламски закон“ треба ја регулира работата на исламските верски заедници во Германија и да обезбеди транспаретност на пораките кои што се пренесуваат во џамиите и од страна на исламските свештеници.
Во изјава за медиумите од „Медиумската групација Функе“ Спан вели дека властите мора да знаат што се случува во џамиите а исламската богослужба на германски јазик ќе помогне да се надминат предрасудите што постојат за муслиманските верски објекти и свештеници.
Меѓу другите законски мереки кои што ги прдлага Спахен се и јазични тестови за исламските свештеници затоа што голем број од нив доаѓаат од странство и не го говорат германскиот јазик а голем дел од нив се и платени од странски држави или организации.
„Овие увезени свештеници не носат кон социјална дезинтеграција“ вели Спан според кого за разлика од католичките свештеници кои можат да бидат разбрани од секого случајот со турските и арпаските имами е целосно поинаков.
Еденод проблемите со кои се соочува Германија на ова поле според членот на највисокото тело на ЦДУ е непостоење на регистер на џамии во земјата поради што властите не знаат колку точно верски исламски објекти постојат, каде се тие ниту кој ги финансира. Членот на владеачката партија очекува остра дебата и за неговиот предлог обуката за имамите и учителите по исламска религија да бидат платени со пари од даночните обврззници затоа што според него е подобро парите со кои се плаќаат исламските свештеници да доаѓаат од државниот буџет отколку од Турција или Саудиска Арабија.
Спан кој е католик по вероисповест и јавно деклариран хомосексуалец во моментов ја врши и функцијата државен секретар во германското федерално министерство за финансии а пратеник во Бундестагот станал на 22 години. Тој се смета за еден од највлијателните членови на ЦДУ и предводник на либералната струја во партијата на Меркел.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.