Висока делегација на војската на Австрија во посета на Генералштабот на АРМ

Делегацијата на Вооружените сили на Австрија предводена од началникот на Генералштабот, генерал Отмар Коменда, во рамки на дводневната официјална посета на Република Македонија и Армијата на Република Македонија, денес престојуваше во Генералштабот (ГШ) на АРМ.

Генерал Коменда, по пречекот со високи воени почести оствари средба со началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски по што следуваа официјални разговори во присуство на делегацијата на војската на Австрија и дел од клучниот персонал од ГШ на АРМ.

На средбата и официјалните разговори пред делегацијата покрај презентирањето на мисијата на АРМ, процесот на трансформација и учеството во мировните мисии предводени од ОН, НАТО и ЕУ, се разговараше на теми поврзани со актуелната безбедносната ситуација во регионот, како и разгледување на можностите за интензивирање на меѓусебната воена соработка во повеќе области на одбраната, посебно во изведување на заедничка обука на специјалните сили на двете армии.

На разговорите генералот Величковски меѓу другото посебно го истакна значењето на оваа средба пред се од аспект на размената на искуства преку постојани експертски разговори со цел утврдување на можностите за понатамошно интензивирање на соработката. Притоа како пример се посочи заедничкото учество на вежбата „Заеднички предизвик“ („Common Chalenge 2017“) која веќе отпочна со реализација во Црна Гора каде АРМ учествува со свои припадници од полкот за специјални операции.

Генералот Коменда се осврна на придонесот кој АРМ го дава со своето учество во мировните мисии и меѓународни вежби, со посебен осврт на покажаната интероперабилност и стандарди од припадниците на АРМ со што АРМ се докажува како придонесувач во колективната сигурност. Притоа повторно ја нагласи улогата која ја одигра АРМ во справување со миграциската криза, за што подетално беше брифиран при вчерашната посета на јужната граница на Република Македонија.

Искажаните ставови при посетата од највисоко армиско ниво на Австрија која е една од армии подржувачи на АРМ се уште едно признание на посветеното исполнување на обврските на АРМ и достигнатите стандарди во обученоста и интероперабилноста со армиите на земјите членки на НАТО и партнерските армии.