Високиот комесаријат за бегалци тврди дека Грција депортирала бегалци

На првиот ден од примената на договорот меѓу Турција и ЕУ, Грција веројатно депортирала бегалци, кои побарале азил, бидејќи не им била дадена можност да ги поднесат молбите поради административниот хаос на островот Хиос, сметаат од Високиот комесаријат на ОН за бегалци, објави грчкото издание Њуз.ин.

Повикувајќи се на претставник на Високиот комесаријат, британскиот весник „Гардијан“ пишува дека полицијата „заборавила“ да обработи барања на 13 бегалци, од вкупно 202, кои побарале азил, кои биле вратени обратно во Турција вчера.

Во врска со тоа се потсетува дека ЕУ утврдила дека нема автоматски депортации на оние кои побарале азил и секоја молба за азил да биде разгледувана поодделно.