Високите жени поподложни на заболување од рак

Високите луѓе, а особено жените имаат поголеми шанси да заболат од рак за разлика од пониските, откриваат новите истражувања.

Опсежната студија, во која учествувале повеќе од пет милиони Швеѓани, родени меѓу 1938. и 1991. година, покажала дека ризикот од канцер е за 18 отсто поголем за секои дополнителни 10 сантиметри висина.

На пример, жена со висина од 172 сантиметри има 18 отсто поголем ризик да заболи од рак од жена која е висока 162 сантиметри.

Резултатите на истражувањето, кои се уште не се објавени, биле претставени на конференција во Барселона.

Најновите наоди ги потврдуваат претходните истражувања дека постои поврзаност меѓу телесната висина и ракот.

Шведската студија укажала дека високите жени имаат 20 отсто поголеми шанси да заболат од рак на дојка за секои дополнителни 10 сантиметри, додека ризикот од меланом е поголем за 30 отсто кај високите мажи и жени.

Претходно истражување, објавено во 2013. година во САД покажало дека високите жени имаат 13 отсто повисоки шанси да заболат од одреден вид на рак за секои дополнителни 10 сантиметри висина.

Авторот на студијата истакнува дека ракот е последица на „процесот врзан за растот“, како и дека е „логично“ да се заклучи дека хормоните на раст можат да го зголемат ризикот од заболување.

Новата студија, меѓутоа, од експертите е дочекана со голема доза на скептичност, бидејќи тие истакнуваат дека ова истражување не ни носи ништо ново и дека неизвесноста и натаму постои, особено кога се имаат во предвид други фактори на ризик (пушењето, гените, гојазноста).