Високо ниво на опасност од терористички напади во Германија

Првиот човек на германската Федерална криминалистичка полиција (БКА), Холгер Мунш изјави дека германските институции и граѓани треба да бидат подготвени за нови обиди за извшрување на терористички напади во земјата, јави дописникот на МИА од Берлин.

Според Мунш, терористички напади во Германија се можни „во секој момент“, а причината за тоа е „зголемениот трансфер на потенцијалнни терористи кои пристигнуваат во Европа“.

– Намалувањето на териториите под контрола на Исламската држава во Ирак и во Сирија резултираат со зголемени напори на исламските радикали за извршување терористички напади во голем број држави, особено во западна Европа, предупредува шефот на БКА,

Тој нагласи дека германските служби за безбедност ги спроведуваат сите можни мерки за спречување на вакви напади, кои пред се би можеле да ги извршат повратници од фронтовите во Сирија и Ирак.

Според официјални информации на германската Влада, над 900 германски државјани или лица кои имаат дозвола за престој во Германија, во последниве неколку години заминале да се борат во редовите на Исламската држава или други терористички групи.

Се оценува дека две третини од нив се оспособени за извршување терористички напади во Германија или во други земји на ЕУ, а според официјалната евиденција во земјата се вратени половина од нив.

Над 100 повратници досега се уапсени или осудени од страна на германските судови на затворски казни за членување во странски вооружени формации.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.