Вистината за Џорче!

Џорче е единствено по многу нешта. Дало многу, и за Скопје и за Македонија. И спортисти и политичари и музичари и писатели и новинари и бизнисмени и доктори…многу од многу профили.

За нас џорчевците, Џорче е Џорче зошто сленгот му е таков. Ниту еден џорчевец во својот говор не ги употребува Ѓ и Ќ. Ете затоа е Џорче.

Велат реката е природна граница, а мостовите пак, спојуваат и обединуваат. Џорче е опколено со три реки. Вардар, Треска и Лепенец. Легендарниот „састав“ е во Џорче. Тоа е она место каде Треска се влива во Вардар. Каде ние џорчевците учевме да пливаме, да скокаме ласта, каде учевме да „бркаме“ бојник, мрена, клен… каде веславме кајаци кај Кипро у „Ласта“, а понекогаш и партија табла, карти или зар. Нема џорчевец што не ја поминал „школата на састав“.

Мостови има неколку по овие реки. И со Скопје сме споени со мостови. Да старите џорчевци и ден денеска велат „одиме до Скопје“.

Ама и селата околу Џорче, каде живеат Албанци, се споени со населбата со мостови. Токму два од тие мостови, наместо обединување, станаа креатори на раздор. Џорчевци станаа жртви. И тоа се генерира со години. Не станува збор за неколку изолирани случаи, туку постојан терор, кој трае.

Убиството на младиот Ангел Петковски, е злосторство со етнички предзнак, предизвикано од уличен криминал. Да, со етнички. Само неиинформиран или политички изманипулиран може поинаку да мисли и да тврди. Токму на местото, каде згасна животот на младиот Ангел, со години џорчевци се жртви на терор, на физички напади, бодени се со ножеви. Зулум до бескрај. А на тоа место, по насипот, шетаат и млади и стари, и мајки со деца. На чист воздух покрај Вардар.

Убиството нема никаква врска со политиката. И реакцијата по него исто така. Вчера на улица, на протест, на изразување незадоволство во Џорче излегоа и десни и леви. Сите заедно. Не ги интересираше политика, беа едноставно џорчевци.

Точакот на Ангел е само капка во морето. Стотици украдени точаци, скутери, мотори, па дури и автомобили завршија во тие села отаде Вардар и Треска. Токму преку двата моста, кои наместо да обединуваат станаа отскочна штица на ѓаволот, на шејтанот. Креираат раздор и создаваат терор. Сеат страв.

Она што се случи во Џорче е граѓанско незадоволство, револт предизвикан од етнички терор. Воопшто не е наивен и обичен криминал, на еден наивен и обичен криминалец.

Автор: Дејан Николовски